Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Договорот со Грција е јасен сигнал дека Македонија се доближува кон развиениот западен свет, што ќе биде јасно верификувано на самитот на НАТО во Брисел наредната недела, му рекол американскиот Потпретседател Мајк Пенс на македонскиот премиер Заев во телефонскиот разговор, чии главни поенти беа објавени и на сајтот на Белата Куќа. Пенс, кој телефонски разговарал и со грчкиот премиер Ципрас, дел од пораките ги објави и на својот Твитер профил.
-Ја поздравувам позитивната одлука на Европскиот совет за отворени преговори за пристапување во јуни 2019 година и ја потврдувам поддршката за членство на Македонија во НАТО и ЕУ. Поканата за влез во НАТО е јасен сигнал дека позитивниот резултат од референдумот ќе значи конечно полноправно членство на Македонија во Северно-атлантската алијанса.
Во позитивен исход од референдумот е уверен и самиот Заев. Во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ, тој изрази надеж дека Договор со Грција ќе биде целосно финализиран до 15-ти јануари, на што би претходел референдумот и период од три месеци за реализација на уставните измени.
-Референдумот ќе биде на 23 септември, 30 септември или 7 октомври, а потоа да има период од 3 месеци за уставните промени. Прашањето веројатно ќе биде „Дали сте за европската унија и НАТО и за поддршка на Договорот со Грција или Или прашањето можеби ќе биде дали сте за Европската унија и НАТО, поддржувајќи го името Република Северна Македонија“. Со успешниот референдум јас сум убеден дека сите во парламентот ќе го послушаат народот што кажува на референдум и така ќе гласаат. Тоа денеска го добиваме како порака дури и од претседателот на државата, господинот Ѓорге Иванов дека ако референдумот е успешен, секако и тој ќе ги поддржи и Договорот со Грција и сето она што е следна фаза, а и опозицијата исто така, изјави Зоран Заев, претседател на Владата на Р.Македонија.
По ваквата изјава на Заев, со демант се огласија од Кабинетот на Иванов:
-Премиерот Заев со своите променливи, контрадикторни и конфузни ставови продолжува да ја лаже и манипулира не само македонската, туку и грчката и меѓународната јавност. Членството на Република Македонија во Европската Унија и НАТО, не смеат да се злоупотребуваат за прифаќање на штетен Договор со несогледливи последици по македонската држава и македонскиот народ, се вели во демантот на Кабинетот на Иванов.
Заев во 30-миунтното интервју за ЕРТ испрати и порака до најжестоките противници на Договорот за името, грчкиот министер за одбрана Каменос и лидерот на опозицијата Мицотакис, посочувајќи дека Македонија нема иредентистички, туку единствено туристички и пријателски аспирации кон Грција.
-Треба да знаат Каменос и Мицотакис дека добивме име со географска одредница за севкупна употреба, дека се случи тоа да биде со уставни промени во Македонија и дека истовремено не задира во она што значи посебност на северниот дел од Грција, вели Заев.
Анализирајќи го интервјуто, грчките медиуми фокусот го ставија на изјавите на Заев дека се работело за тежок, но фер договор, кој во одредени фази водел кон ќорсокак.
Извор: Канал 5