Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
И по 21 година од масакрот кај Карпалак кај бранителите никогаш нема да исчезнат тагата и болката, а сè уште присутна е и маката во душата што над две децении нема достојно одбележје на местото каде беа злобно убиени десетмината бранители на Македонија. И годинава во месноста Карпалак чествување пред спомен плоча. Бранителите над 20 години бараат соодветен споменик достоен на дадената жртва.
„Зарем ова ова личи на некакво спомен обележје. Срамота. Не ни се виновни тие од другата страна, прават споменици од 200 илјади евра, ние не можиме 100 евра едно спомениче да направиме, едно обележје. Изгледа дека ние во нашата држава немаме никакви права. Нашите власти зборувам за македонските без разлика која партија е на власт, исти, ама потполно исти, нема разлика меѓу едните и другите кога сме во прашање ние“, вели Јордан Трајковски Здружение на резервни воени образници.
Државата остана глува за бранителите и во овие две децении. Велат веќе остареа, па веќе не како да не им треба ништо од системот.
Јас сум 66 години, 20 години поминаа, а децата кои ни беа 20 години 2001-ва, се мажи со деца. Не ни треба сега ни образование, ни вработување, не ни треба ни станови, не ни треба ништо. Ние сме „презадоволни“ од оваа држава што направи за нас за сметка на тоа ако се опулиме на другата страна, она што се случува. Ние сме омаловажени, понижени, оштетени, ние сме тие кои за жал застанааа да ја бранат Република Македонија, и завршиме како последни луѓе во државава, вели Јордан Трајковски Здружение на резервни воени образници.
Ние сме класа на народ што сме најпотценети. Додека бевме на ратиште бевме многу добри. Повреден сум во Радуша. Има луѓе што останаа инвалиди. Пред 3-4 години што ги имавме привелгиите за здравство ги укинаа,рече Слободан Петровски од Здружение Братство 2001.
Утрото на 8 август 2001 година во 9:30 часот на автопатот Скопје – Тетово армискиот конвој составен од пет возила и 120 резервисти влезе во заседа кај месноста Карпалак, при што се убиени 10 припадници на резервниот состав на АРМ, а тројца се повредени во нападот.
На самото место загинаа Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Бранко Секулоски, Дарко Вељаноски, Пеце Секулоски, Веби Рушитоски, Марко Деспотоски, сите од Прилеп и прилепско.
Истата вечер во Охрид беше парафиран Рамковниот договор и закажано неговото потпишување на 13 август. Воедно беше и осуден нападот во Карпалак. Вечерта пред Собранието се случи спонтан протест на граѓаните кои бараа одлучна пресметка со албанската паравоена формација.
На 9 август министерството за одбрана ги соопшти имињата на загинатите припадници на резерниот состав на АРМ и тогашниот министер Владо Бучковски повика да се смират страстите да и му се даде шанса на мирот. Во Прилеп беше запалена џамија како и други приватни објекти во знак на револт за загинувањето на војниците од Прилеп.
Кога утрото на 10 август Прилеп беше завиен во црно, одекнуваа лелеци и плач на патот кон гробиштата каде се погребуваа посмртните останки на загинатите бранители кај Карпалак, околу 8 часот наутро, кај месноста Љуботенски Бачила на околу 5 км од скопското село Љуботен, камион на АРМ полн со муниција налетува на две нагазни мини поставени на патот. Во експлозијата загинаа 8 војници од резервниот состав на АРМ.
Селото Љуботен е гранатирано, влегуваат македонските безбедносни сили, при што е извршен масакр врз десет, наводно албански цивили и тоа единствениот случај поради кој Хашкиот трибунал поведе постапка за повреди на законите и обичаите на војувањето на 12 август 2001 година во село Љуботен за што им се судеше единствено на Љубе Бошковски и Јохан Тарчуловски.
Воениот конфликт во 2001 година официјално беше окончан со потпишувањето на Рамковниот договор на 13 август и договореното разоружување на ОНА, но како последен голем инцидент е забележана заседата од 11 ноември 2001 година кај Требош кога загинаа тројца припадници на полициската единица „Лавови“.