21. февруари – Ден на мајчиниот јазик


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во овие за нашиот јазик турбулентни времиња на разговори, преговори, негации и фусноти за истиот, како и за идентитетот, Македонија скромно, во Институтот за македонски јазик го прослави денот на мајчиниот јазик.

И на овој ден, власта и опозицијата на одвоени прослави. Едните во Институтот, другите на трибина во Гостивар, пишува 24Мк.

Додека власта во Институтот за македонски јазик како претставник ја испрати единствено министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска, опозицијата во Гостивар го одбележа денот со обраќања на лидерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на општината, Арбен Таравари.

Професорот по македонски јазик, Људмил Спасов со став – македонскиот јазик е единствен, не смее да има фусноти и дискусии околу него.

„Тој е јазик на македонската нација. Постои од секогаш и ќе постои засекогаш и постојат луѓе кои имаат чувство дека се македонци, не само во оваа држава, туку и надвор од неа, што впрочем ќе се покаже и од резултатите на пописот“ – изјави Људмил Спасов професор по македонски јазик.

Цитирајќи го Крсте Петков-Мисирков, Костадиновска-Стојчевска посочи дека сите се должни да го негуваат македонскиот јазик.

„Чувајќи го јазикот, ја чуваме и татковината. Мајчиниот јазик е ДНК на секој човек. Јазикот е идентитет“ – изјави Бисера Костадиновска-Стојчевска министерка за култура.

Мицкоски со порака – Јазикот е лична карта на еден народ, пред целиот свет. Трговијата со јазикот, според него, е сечење на столбот на еден народ и една држава.

„Мајчиниот јазик е најважното идентитетско обележје на еден народ и на една култура. Навистина тој е иднетитетот на луѓето или како што Блаже Коневски велеше:

„Тој е единствената, неподелена татковина“ – изјави Христијан Мицкоски претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Цитирајќи ги браќата Миладиновци, Таравари на трибината на ВМРО-ДПМНЕ порача: Јазикот е незаменливо средство за да се запознаеме едни со други.

„Сакам да ви кажам еден интересен факт за мојот јазик, албанскиот. Датира како пишан од 1452 година“ – изјави Арбен Таравари градоначалник на Гостивар.

Денот на мајчиниот јазик се прославува секаде, а на овој ден се одбележуваат над 6.000 јазици колку што се зборуваат во светот.