Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Со полабави превентивни мерки за спречување на ширењето на Ковид-19 во однос на лани, граѓаните на Македонија ќе ја испратат старата 2021, а ќе ја дочекаат новата 2022 година.
Овој 31 декември и покрај тоа што пандемијата предизвикана од ковид-19 е се уште присутна, граѓаните се организираат да ја прослават Новата година на плоштадите, во туристичките центри, во кафеаните, рестораните, пабовите, за разлика од лани кога состојбата со вирусот поттикна воведување на рестриктивни мерки и забрани.
Годинава китењето во главниот град почна со задоцнување. Од минатата недела на скопскиот плоштад може да се забележат неколку новогодишни украси кои за првпат не го чинат Градот Скопје, туку се на грбот на општествено одговорни компании. На самиот плоштад се поставени и новогодишните куќички на населбата „Винтерленд”.
Средствата, пак, кои биле планирани за новогодишната прослава, ќе се пренаменат за социјално ранливи категории. Неодамна, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска изјави дека тие средства е подобро да се дадат на оние кои немаат ниту за храна во овие денови.
„Градот нема да биде тажен. Нова година ќе се прослави, но на скромен начин, без тоа да го чини Градот 250 илјади евра“, рече Арсовска.
За новогодишната прослава на плоштадот „Македонија”, Градот преговараше со македонски музички изведувачи. Според програмата, вечер од 21 часот, на скопскиот плоштад ќе можат да се слушнат групите „Пука козметика”, „ДНК” и „Нокаут”, фолк пејачите Наум Петрески и Зуица Лазова, како и ди-џеј Славе.
Со порака за претстојните празници вчера излезе министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој потсети дека треба да празнуваме одговорно, да се погрижиме да го сочуваме сопственото и здравјето на најблиските.
„Да не возиме ако консумираме алкохол или да не пиеме ако мора да управуваме возило. Да не го објавуваме нашето отсуство од домот, правејќи го така попривлечно за крадците и разбојниците, а сомнителните појави да ги пријавиме во најблиската полициска станица. Пиротехниката да им ја оставиме на професионалците, оти далеку поубаво место за прослава е кругот на најблиските одошто ургентните центри. Иако за полицијата нема празник и таа ќе биде присутна на терен, да се воздржиме од инциденти, бидејќи тие само ја уништуваат празничната атмосфера“, рече во новогодишното обраќање Спасовски.
Со апел за умерено консумирање храна и алкохолни пијалоци, за да нема алкохолни труења, тепачки и сообраќајни незгоди, но и хронично болните редовно да ја земаат терапијата, излегоа Службата за Итна медицинска помош и Универзитетската клиника за токсикологија во пресрет на Новата година и божиќните празници.
Раководителот на Службата за Итна медицинска помош, Милица Бубало вчера за МИА изјави дека граѓаните не треба да консумираат многу алкохол и треба да се воздржат од користење пиротехнички средства и оружје. Таа посочи дека граѓаните треба да внесуваат умерени количини храна и да внимаваат при внесување мрсна храна поради можност да се јави дијареја.
Службата за ИМП работи 24 часа, а во текот на новогодишните празници ќе работат и дежурните амбуланти.
Директорот на Клиниката за токсикологија, Ридван Бајрами вчера за МИА изјави дека се надева оти граѓаните нема да претеруваат со внес на храна и алкохолни пијалаци.
„Минатата година бевме одлични во врска со интоксикации за новогодишната ноќ и за време на божикните празници. Бројот на пациенти беше релативно минимален споредено со другите години. Се надевам дека и годинава ќе биде така и дека ќе се почитуваат и мерките на претпазливост од ковид-19 кои вклучуваат и дистанца“, додаде Бајрами.