18 години затвор за полицаецот Енвер Тоска кој свирепо уби и запали човек


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


25-годишниот полицаец од Битола Енвер Тоска, кој свирепо го убил, а потоа и го запалил својот сограѓанин Алили Бекир, доби 18 години затворска казна за стореното убиство, соопшти портпаролот на прилепскиот Основен суд, судијата Жарко Велески. Пресудата ја донесе судечкиот совет со кој заседаваше судијата Ѕвонко Младеноски.

Судењето на обвинетиот Тоска заврши вчера и тоа за брзо време откако Тоска вчера ја призна вината за убиството што се случи на 14 септември минатата година.

Енвер Тоска беше обвинет за едно од најтешките кривични дела убиство од член 123, став два за што е предвидена казна затвор од 10 години до доживотна.

Според обинението тој го сторил кривичното дело на 14 септември лани околу 16.20 часот со умисла и од користољубие.

„Тој го подготвувал делото, бил на местото, прво го убил, а потоа го запалил телото. Психијатриското вештачење покажало дека обвинетиот Тоска бил пресметлив кога го извршувал едно од најтешките кривични дела”, изјави вчера обвинителката Мрмеска која побара поради тоа што е едно од најтешките кривични дела, судот да ги цени отежнувачките околности, зашто обвинетиот за да го скрие делото, го полил Бекир со бензин и го запалил.

На судскиот процес, обвинетиот Енвер Тоска ја призна вината и како што рече изразува жалење до семејството на убиениот. Адвокатот на обвинетиот Васко Георгиев изјави дека сега дошло до признавање на вината поради цврстите докази на обинителството и дека обвинетиот ги почувствувал последиците од тоа што го направил.