17 нови обвиненија на СЈО: Се бара притвор за Груевски, Мијалков, Јанакиески, Јанкулоска


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


СЈО бара притвор за поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, за поранешните министри Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска и Елизабета Канческа Милевски, како и за други поранешни функционери.

Седумнаесет обвиненија за 18 предмети ќе бидат поднесени против 94 луѓе и седум правни лица, најави денеска специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Предметите Тврдина и Таргет за незаконското прислушување се споени во едно обвинение.

За дел од случаите СЈО ќе побара притвор за 18 обвинети, меѓу кои и за поранешниот премиер и претседател на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешните генерални секретари на владата Мартин Протуѓер и Кирил Божиновски, поранешните министри за транспорт и врски, за внатрешни работи и за култура, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска и Елизабета Канческа Милевска, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, градоначалникот на Гази Баба, Тони Трајковски, главниот уредник на Сител, Драган Павловиќ Латас, поранешниот началник на Петтата управа во УБК Горан Грујевски, како и за други лица. За 47 обвинети, пак, се предложени мерки за претпазливост.

За случајот Талир, Јанева вели дека истрагата за незаконско финансирање на ВМРО ДПМНЕ беше отворена пред само еден месец и затоа нема поднесено обвинение, но оти истрагата ќе продолжи.

Логично е, некој што водел незаконска кампања во изминатите осум години, не може некој за еден месец да ги истражи сите дејствија кои треба да им се стават на товар на обвинетите. Сериозноста, обемноста и сложеноста на предметот кој се истражува, како и незаконските дејствија за кои постојат основани сомненија дека се сторени и сè уште постојат и упатуваат на потребата од натамошно спроведување на истрагата за која по преземање на сите неопходни дејствија ќе биде донесена соодветна јавнообвинителска одлука за која јавноста ќе биде информирана, рече Јанева.

Нема поднесено обвинение и за случајот Табла, за изградба на училиште во Зајас без тендер, зашто истрагата е проширена. Јанева сепак вели дека против функционери од ДУИ нема отворено истрага, како што рече, сега засега.

Јанева нагласи дека е цврсто убедена дека во судските постапки ќе докажат дека обвинетите се виновни за кривичните дела што им се ставаат на товар.

На еден ден пред истекот на рокот од 18 месеци за поднесување обвинение, обвинителката Јанева вели дека 1 јуни за нив ништо не значи.

Ние уште три години ќе работиме на отворање на нови предистражни и истражни предмети. Што понатаму со нив, ќе се договараме со институциите на Република Македонија, доколку не се најде начин нашиот мандат да биде продолжен или како што многу пати имам кажано, да се укине членот 22 од нашиот закон, рече Јанева.

СЈО претходно поднесе обвиненија за случаите Тврдина 2 за уништување на опремата за прислушување, Транспортер за превозот на ученици во Битола и за шамарите за градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски.

Јанева соопшти дека за шест луѓе има решение за непреземање кривично гонење, за деветмина има запирање на истражната постапка, а за тројца прекин на истражната постапка.