155 години од смртта на македонскиот преродбеник и деец Димитрија Миладинов


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


23 јануари, 1862 година, во Цариград (денешен Истанбул) починал Димитрија Миладинов, македонски народен преродбеник, поет, учител, публицист и научник. Беил собирач на народни умотворби и основач на македонската етнографија.

Заедно со својот помлад брат Константин водел организирана борба против денационализаторството, панхелизмот и политиката на грчката влада на македонските подрачја.

Роден е во семејството на грнчарот Ристе Миладинов и неговата сопруга Султана Миладинова. Основно училиште завршил во Струга, а подоцна и гимназија во Јанина, Грција.

Во училиштето во Охрид, Димитрија Миладинов се сретнал со познатиот руски научник, славистот Виктор Иванович Григорович. Оваа средба била пресудна Миладиновци да почнат да се занимаваат и со собирачката дејност-собирање и запишување на македонски народни песни и други умотворби, кои подоцна ги отпечатиле во еден голем Зборник наречен „Бугарски народни песни“ зошто имало песни и од Бугарија. Во таа дејност се вклучил и средниот брат Наум Миладинов. Тој ја завршил Духовната академија на патријаршискиот универзитет „Халки“ во Цариград и дипломирал на отсекот музика и граматика. Во 1843 година напишал учебник по музика, прв од таков вид во Македонија, додека при собирањето на народните песни истите ги запишувал со нотни записи, ги мелографирал, па така тој е нашиот прв музичар и мелограф.

Димитрија Миладинов, кој бил целосно прословенски ориентиран, често доаѓал во судир со гркоманите во Битола, а по еден таков судир со битолскиот митрополит Венедикт, тој ја напуштил Битола и Македонија. Во Сремски Карловци и Нови Сад имал прилика да се запознае со животот на Србите под австро-унгарска власт, каде уживале потполна културна автономија. Подоцна заминал во Белград. При престојот во овие краишта, тој се запознал со идеите на панславизмот и Илирското движење, кои во потполност ги прифатил како свои.

При крајот на 1856 година, Димитрија Миладинов се вратил во Струга и го испратил братот Константин во Русија да студира словенска филологија на Филозофскиот факултет при Императорскиот универзитет во Москва.

На 24 јуни 1861 година, од печатницата на Анте Јакиќ, во Загреб, финансиран од хрватскиот бискуп Јосип Јурај Штросмаер, излегол од печат Зборникот од народни умотворби на браќата Миладиновци, насловен како “Бѫлгарски народни песни”, дело со речиси 600 македонски народни песни и точно 77 бугарски (отстапени од бугарскиот фолклорист Васили Д. Чолаков).

Обвинети како шпиони против кои, според изјавата на официјалните турски власти, се подготвува судски процес, браќата Миладиновци умреле во цариградските затвори, во 1862 година, под досега неразјаснети околности.

„Јана и Детелин војвода“

Поболила се Јанина мајка,
Што ми лежала девет години,
Ми искинала девет постели,
И ми лежала ми заплакала:
„Оф леле боже, о мили боже!
Как не си имав ушт’ една керка,
Ушт’ една керка, како Јаника,
Та да ми станит рано на утро,
Да се умиет, да се прекрстит,
Та да ми појдит на студна вода.
На студна вода на нова чешма,
Да ми донесит студена вода,
Студена вода на полу цвеќе,
А ја си пиа студена вода,
Студена вода на полу раски.°
И ми ја дочу убаа Јана,
И си станала рано на утро,
И ми се изми и се прекрсти,
И се промена, и се наружи;
Не се промена, како девојка,
Тук се промена, како невеста;
И та си зеде две ведра в р’це,
Та си отиде на студна вода,
На студна вода на нова чешма.
Тамо седит Детелин војвода.
Тога ми рече убаа Јана:
„Нацрпете ми студена вода!”
Тога му велет момци змеои
Момци змеои, којни дуои:
„Детелин војвода наш господине!
Та шта ни дошло убоо ѕвере,
Тоа ни сакат студена вода.”
Тога му велет момци змеои
ÂНе је девојка тук’ је невеста.”
Ја наполниле студена вода,
Студена вода на полу цвеке,
Је наполние, ја испратие.
Колку замина убаа Јана,
И се обзрна и прогоори:
„Егиди море, Детелин војвода!
Ни сум девојка, ни сум нееста,
Туку ја сум си убаа Јана,
Ти што ме питаш девет години.”
Колку је дочу Детелин војвода,
Што си јавнало брзего коња;
Со коња трчат, не си ја фтасвит,
С јаболко фрљат, не ја досегвит.
Колку си влезе в мајкини порти,
И је викнала на мила мајка:
„Стани ми, стани, а мила мајка!
Јас ти донесов студена вода,
Студена вода на полу цвеке,
Да си оладиш белото грло,
Да ти оздраит белото срце.”
Колку се напи Јанина мајка,
Колку се напи студена вода,
А ми се напи, а душа даде,
И ми је дојде сам војводата,
Милата мајка си ја закопа,
Убаа Јана си ја заљуби.

од Зборниот на Миладиновци