Актуелно

15 мај – Меѓународен ден на семејството

Во 1993 година, Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи 15 мај за Меѓународен ден на семејството. Цел на одбележување на овој ден е зголемување на свеста за прашања поврзани со семејствата и процесите кои влијаат врз нив. Институтот за семејни студии при Филозофскиот факултет во Скопје, традиционално го одбележува овој ден преку разни манифестации и хуманитарни акции наменети пред се за семејствата во социјален ризик. Оваа година Институтот за семејни студии ќе ги прошири активностите во текот на целата недела., од 13 до 16 мај.

Неделата посветена на семејството започнува со промоција на првото списание „VOX“ од страна на студентите на Институтот за  Семејни студии во кое самите студенти пишуваат на различни теми поврзани со семејството и важноста од семејната едукација.  Потоа следува студентска дебата на тема: Семејствата во земјите на Европската Унија: трендови и практики. Во рамките на дебатата ќе се дискутира на важни прашања поврзани со семејството и семејното функционирање, како што се семејното советување, стапката на разводи, наталитетот, родителството и многу други прашања кои се важни за развој на критичко мислење на студентите како идни семејнолози.

Конкретно на 15 мај, кога и официјално е Меѓународниот ден на семејството ќе се организира трибина во која ќе учествуваат стручни лица кои го третираат семејството од различни аспекти.  Додека пак вредните ученици од ОУ.Лазо Ангеловски ќе изработуваат  ракотворби на тема: Моето семејсто. Целта на овој настан  е подигнување на свеста за важноста на семејството и семејните вредности.

Последен настан со кој се заокружуваат предвидените активности е хуманитарниот базар подготвен од студентите на Институтот за семејни студии.  Настанот има хуманитарен карактер и собраните средства ќе бидат донирани за потребите на СОС Детско село.

Advertisements
To Top