14 мртви во пожарот во кој изгоре тетовската модуларна болница – се врши обдукција на телата


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Телата на 14 жртви од вчерашниот пожар во кој изгоре тетовската модуларна болница која се користеше како центар за пациенти со Ковид-19 се предадени во Институтот за судска медицина во Скопје, пренесува Мкд.мк.

По наредба на петте обвинители кои се вклучени во истрагата, се прават обдукции врз починатите во пожарот кои настрадаа лекувајќи се од ковид-19. Од Институтот за судска медицина и криминалистика во Скопје за МДК.мк велат дека четири обдукции во текот на ноќта веќе се завршени и дека се прават под посебни протоколи, бидејќи се работи за пациенти позитивни на ковид-19. Од таму додаваат дека во текот на денот ќе бидат завршени сите обдукции, а потоа ќе се чекаат анализите за постапките за утврдување на причината за смртта и изготвување на обдукционите наоди кои треба да се предадат во Обвинителството и да помогнат во истрагата. По завршување на ДНК анализите ќе се знае и идентитетот на настраданите.

Уште вчера по настанот во Институтот за судска медицина се формирани 5 тимови со по 2 судски медицинари кои заштитени во скафандери, штитници и друга опрема за заштита од ковид-19, работат комплетни анализи кои треба да утврдат од што настанала смртта, но и ДНК анализа за да го утврдат идентитетот на починатите.

До сега од почеток на пандемијата на Институтот за судска медицина направени се околу 30 обдукции на починати лица кои биле позитивни на ковид-19.

Денес ќе се завршат и оние на телата кои вчера беа донесени, а колкава е точната бројка на починати за сега не се знае. Официјално потврдени за сега се 14 жртви.

Се очекува во текот на денот надлежните да соопштат повеќе официјални детали.

Еден ден по извршениот технички прием на модуларната болница во Тетово на 15 април биле утврдени грешки при изведбата. Во август беа оштетени цевките од доводот за кислород. Тендерот за изградба на 17 модуларни болници во земјава лани го доби велешката фирма „Брако” заедно со валандовската „Ари и Том”. Преку заем од Светската банка, државата за таа намена им исплати 3,6 милиони евра.

Во април по отворањето на модуларната болница економскиот директор на Клиничката болница Тетово, Артан Етеми изјави дека побарал од фирмата изведувач да ги отстрани пропустите, на подот и уште неколку мали инфраструктурни грешки. „Даден е рок за пет дена да се санираат грешките при изградба на модуларната болница. Струја и вода има. За системот за кислород сме во контакт со фирмата од каде ни рекоа дека за два-три дена може да се постави. Ако не излезат други проблеми, наредна недела се надеваме дека ќе се пушти во употреба”, изјави тогаш Етеми.

На 23 август некој го пресекол системот за централен довод на кислород низ објектите. Оштетени биле две споредни цевки кои носат кислород од централниот систем до првиот објект ургентно-дијагностичкиот центар, додека снабдувањето до ковид-одделенијата одело непречено преку главната цевка. Тогаш немало никакви проблеми за пациентите.

Неколку дена подоцна полицијата соопшти дека било приведено 42-годишно лице од селото Желино како осомничен за оштетување на цевките во болницата.

Во страшната трагедија која вчера се случи во модуларната болница, за сега потврдени се 14 жртви.