Актуелно

124 милиони евра профит за 9 месеци – да живеат банките, другите се небитни

Заклучно со месец септември оваа година, македонските банки оствариле вкупен профит врз основа на оданочување од 7,6 милијарди денари или 124 милиони евра. Овие бројки значат зголемување од 70 насто на добивката во споредба со истите месеци од минатата година. Истовремено, овој е највисокиот профит на банкарскиот сектор во историјата на независна Македонија.

Од Народната банка во најновиот Извештај за ризиците во банкарскиот сектор во третиот квартал од 2018 година толкуваат дека високиот пораст на добивката во еден дел се должи на влијанието на еднократни фактори од првото тримесечје од годината, кога беше наплатен поголем износ на нефункционални побарувања (продажбата на побарувањата од „Фени индустри“ од Комерцијална банка и Стопанска банка-Скопје), како и остварена капитална добивка од продажба на капитален влог(продажбата на Нов пензиски фонд од страна на НЛБ Банка).

„Придонес имаа и редовните активности на банките, што се согледува од порастот на добивката (за 33,6 отсто на годишна основа), по изземање на ефектот од еднократните настани од првиот квартал од годината. Во овој период, беше забележано и подобрување на оперативната ефикасност на банките. Нето каматниот приход, како носечка компонента на вкупните приходи на банките, на годишна основа умерено се намали и имаше негативен придонес кон растот на профитабилноста“, велат од НБРМ.

Анализирано по одделните групи банки, сите групи прикажаа добивка. Притоа, најголемиот дел од добивката (повеќе од 90 отсто) беше сконцентриран кај групата големи банки, а позначително подобрување бележи и групата мали банки којашто прикажа профитабилно работење за разлика од истиот период од претходната година кога имаше загуба од работењето.

Advertisements
To Top