12 оставки во М-НАВ после аферата со конкурсот за нови контролори – од Владата порачаа дека одговорните се обврзани да ги следат правилата на Еуроконтрол


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


На прашањето за случувањата во државната компанија која го контролира цивилниот авиосообраќај над Македонија, од Владата порачаа дека согласно меѓународните стандарди М-НАВ е обврзана во своето работење да ги следи строгите правила на Еуроконтрол и на меѓународниот систем за управување со воздушен сообраќај на кој што е членка.

Заменици на директорите, началници, инструктори, експерти, раководители на сектори…, 12 на број, вчера поднеле оставки на своите позиции во М-НАВ незадоволни од одлуките на тројцата директори за одолговлекување на испраќањето на школување во Данска на нови контролори на летање кои веќе ги поминале сите тестирања. Тие велат дека ќе ги повлечат оставките само во случај ако директорите веднаш не ја променат одлуката и не ги испратат осумтемина избрани на неопходната обука, пренесува Мкд.мк.

Има многу сомневања за однесувањето на тројцата директори на државната компанија за следење на цивилниот авиосообраќај во Македонија М-НАВ, Фахрудин Хамиди, Миѓен Селмани и Влатко Крстевски, кои во неколку наврати се обидоа да ги дополнат селектираните листи, веројатно со нивни деца и препорачани лица од партиските штабови.

„Селекцијата е регуларно завршена и не постои реална причина или оправдување поради што процесот на обука сѐ уште не е почнат. Бараме управата на М-НАВ итно да донесе одлука за почнување на школувањето на селектираните кандидати за контролори на летање согласно рангирањето кое официјално ви е доставено како предлог од страна на комисијата за спроведување на селекцијата… Процесот се одвиваше транспарентно и професионално“, напишаа во писмото до директорите раководителите во оставка.

Како што веќе пишувавме за ова, се работи за конкурсот на М-НАВ за осум контролори на летање. Се пријавиле 270. По првата селекција останале 140, ама веројатно без посакуваните кандидати на директорите, кои веднаш реагирале и побарале листата да биде составена од 166, а не 140. Данската компанија „Гејт авијешн тренинг“, која според критериумите на Еуроконтрол, го врши селектирањето и обуката, прифатила да ја прошири листата. Останале 12, од кои 8 треба на 1 декември да одат на четиримесечна обука. Одложувањето кое го наметнуваат директорите само ги подгреваат шпекулациите дека се незадоволни затоа што повторно на листата ги нема нивните и кандидатите испратени на ливче од партиските штабови.

Ова предизвика сериозно незадоволство во М-НАВ. Најпрво на ова реагираа синдикатот и здружението на контролорите на летање, а денес и дел од раководниот тим.

Директорот Хамиди упорно објаснува дека тие само сакаат целосен увид во начинот на кој била направена селекцијата, што во оваа фаза се толкува како обид или да се одложи или пак целосно да се поништи конкурсот.

Во оваа ситуација на зголемен авиосообраќај и недостиг на школован кадар, според раководитеите во М-НАВ ова може да отвори и сериозно безбедносно прашање во однос на капацитетот на службата да го води цивилниот авиосообраќај над македонското небо.

Но Хамиди, Селмани и Крстевски очигледно имаат побитни приоритети.