12.000 километри за 18 дена: Првиот трансконтинентален товарен воз од Кина стигна во Лондон


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


По 18 дена пат и 12.000 минати километри, првиот товарен воз што директно ја поврзува Кина и Велика Британија, пристигна во среда во Лондон.

Пекинг сака да ги зајакне трговските врски со западна Европа и да го обнови древниот Пат на свилата преку кој драгоцената стока патувала на Стариот континент.

Црвено жолтата локомотива обележана со логото на германската железница стигна во Баркинг на истокот на Лондон околу 14 часот по средноевропско време.

Во возот полн со облека и друга стока се наоѓале 34 контејнери, многу помалку од товарните бродови кои може да превезат меѓу 10.000 и 20.000 контејнери.

Возот тргна на 1 јануари од индустрискиот град Џивуа, јужно од Пекинг и мина низ Казахстан, Русија, Белорусија, Полска, Германија, Белгија и Франција пред да влезе во Велика Британија низ тунелот под Ла Манш.

Лондон е 15 европски град до кој ќе сообраќаат возовите на државната компанија China Railway Corporation, а нивните услуги би требало да бидат поевтини од воздушниот сообраќај и побрзи од поморскиот.

Новите железнички врски се дел од планот на кинеските власти, започнат во 2013 година, за изградба на нов Пат на свилата, заради јакнење на економските и трговските врски ширум Азија, Русија и Европа.

Кина, првата трговска сила на планетата, сака да ги зајакне врските со тие региони преку инвестиции во инфраструктурата за да ја поттикне трговијата и да отвори нови пазари на кинеските компании.