113 години од смртта на Ѓорѓи Сугарев


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На денешен ден пред 113 години, животот го положи Ѓорѓи Сугарев, учител, македонски револуционер, учесник во Илинденското востание, битолски околиски војвода.

Ѓорѓи И. Сугарев, (Битола, 1879 – с. Паралово, Мариовско, 23. III. 1906) – бил учител, македонски револуционер, учесник во Илинденското востание, битолски околиски војвода. Завршил егзархиска гимназија во Битола, а учителствувал во Кичевско и во Битолско. Учесник во македонското револуционерно движење. Дејствувал во четата на Никола Русински во 1901 година. Бил секретар на Битолскиот револуционерен округ на Македонската револуцуинерна организација (Битолски РОК на ТМОРО), а војвода на чета е од 1902 година. Како окружен војвода и делегат од Битолскиот крај учествувал на Смилевскиот конгрес во 1903 година.

Како горски начелник на Пелистерскиот реон и ревизор на четите во Битолско, Ресенско и Демирхисарско учествува во Илинденското востание во 1903 година, а во 1904 година учествува и на Прилепскиот конгрес. После востанието, Сугарев најмногу работел на борбата против грчката и српската пропаганда во Македонија. По неколку успешни акции против гркоманските и грчки чети во Битолско, по барање на Велешката организација, Даме Груев го испратил Сугарев во Велешко за да ја засили борбата против српската пропаганда.

Пролетта 1906 година, поради појавувањето на грчки андарти во Мариовско, Битолскиот револуционерен округ му наредил на Ѓорѓи Сугарев да оди во Мариово и да се пресмета со непријателските грчки андарти. Во тоа време, Петар Лигушев, началник на Битолската окружна организација, главно поради лични интереси, започнал на битолскиот валија да му предава тајни на комитетот. Така, тој на битолскиот валија му ја предал маршутата на четата на Сугарев која била на пат кон Мариово за пресметка со андартите. Точно кога на утрото на 24 март 1906 година Сугарев пристигал во село Паралово, кон селото се испратила илјадна војска која го опколила селото. Следувала битка, која траела цело попладне. Жртвите на Турците биле големи, но четата немала можност да го скрши обрачот. Гледајќи дека нема излез, Ѓорѓи Сугарев ги истрошил сите куршуми, а со последниот се самоубил. Со него загинала и целата негова чета од 21 комита.

Некогашниот битолски учител Сугарев, е еден од најопеаните илинденски јунаци и еден од најблескавите и најхрабрите македонски синови.