100.000 евра за Вартоломеј, броеви од државници – еве со што се расфрлаше Заев во разговорите со „Порошенко и Столтенберг“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Најновиот скандал кој ја тресе нашата политичка сцена се трите поврзани разговори на македонскиот премиер Зоран Заев со наводните Петро Порошенко и Јенс Столтенберг, како што му се претставија руските комичари и автори на местенки, Вован (Владимир Кузњецов) и Лексус (Алексеј Столјаров).

Тие двајца објавија три телефонски разговори меѓу наводно поранешниот претседател Петро Порошенко и најверојатно премиерот на Македонија Зоран Заев. Во еден од тие разговори Заев без никаква резерва и како нормална работа ја смета предложената од Порошенко награда од 100 илјади евра во кеш за цариградскиот патријарх Вартоломеј, како подарок во неговите залагања за автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија.

Во еден од тие разговори лажниот Порошенко му вели на Заев дека украинските научници „откриле“ негова генетска поврзаност со Александар Македонски.

„Нашите научници ја открија мојата генетска поврзаност со Александар Македонски, па затоа сега можам да се викам и Петро Македонски“, му рекле пранкстерите на Заев во еден од разговорите.

„Како што е познато, нашите научници имаат низа такви историски откритија. На пример знаете дека Украинците се древни сумери… Нашата територија во еден период била под владеење на Александар“, рекол „Порошенко“.

Заев, според објавените снимки, на ова рекол дека читал за тоа и дека историјата „може да нѐ обедини“.

Руските пранкери го посоветувале Заев дека на цариградскиот патријарх Вартоломеј треба да му се даде мито, 100 илјади евра во кеш, за да ја забрза процедурата со признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА, на што Заев одговорил дека е подготвен тој услов да го исполни. „Меѓутоа морам да ви кажам дека единствен услов за тоа, а јас тоа го направив, лично му ги дадов парите на Вартоломеј“, рекол „Порошенко“, на што Заев изразил целосна подготвеност истото тоа да го направи. „Одлично, нема да има никаков проблем“, одговорил Заев.

„Во мојот случај јас платив 150 илјади ева, за тебе е поевтино“, се пошегувал „Порошенко“.

Во едночасовното видео објавено синоќа на Јутјуб, руските комичари информираат дека се споени три разговори со Заев, направени во август 2018, јануари 2019 и април 2019.

Во еден од разговорите, „Порошенко“ го прашува Заев дали сака да разговара со Јенс Столтенберг, кој наводно е до него, по што македонскиот премиер разговара и со „генералниот секретар на НАТО“.

Од разговорите може да се слушне како Заев има негативен став во однос на политиките на Русија и Србија во однос на Косово, за мешањето на Русија на Балканот, оценува дека Русија има многу шпиони во регионот, без никаква резерва на „Порошенско“ му ги дава телефонските броеви на премиери, политичари (на Рамуш Харадинај, Вес Мичел).

На листата на „жртви“ Вован и Лексус се и францускиот претседател Емануел Макрон, фаворитот за нареден британски премиер Борис Џонсон, Жан Клод Јункер, поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, поп-пејачот Елтон Џон, белорускиот претседател Александер Лукашенко.