10 јануари, 49 година п.н.е. – денот кога „коцката беше фрлена“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Iacta alea est („Коцката е фрлена“) се зборовите што на 10 јануари 49 година пр.н.е. ги кажал Гај Јулиј Кајсар во мигот кога, по цена на граѓанска војна, одлучил да ѝ се спротивстави на волјата на Сенатот и преку едно мовче на реката Рубикон со војска да премине од Галија во Италија. Преминот на Кајсар преку Рубикон бил повод за крвава граѓанска војна, во која популарите, под водство на Кајсар, ќе извојуваат победа над оптиматите, предводени од Помпеј. Оваа граѓанска војна ќе го означи почетокот на крајот на римската Република и ќе биде еден од првите чекори кон воведување на царство.

Одлуката да премине преку Рубикон, според Светониј, Кајсар не ја донел лесно. Кога ги довел војските пред Рубикон, едно време стоел без да изусти збор, промислувајќи на што се осмелува. Потоа се свртел кон луѓето што стоеле до него и им рекол: „Сè уште можеме да се повлечеме; но, ако го минеме ова мовче, сè ќе се решава со оружје.“ Додека се колебал, одненадеж се појавило некое големо и убаво натприродно суштество. Седнало до војската и засвирело на кавал. Додека сите втренчено го слушале, тоа го фрлило кавалот и на еден од воените трубачи му ја грабнало трубата. Сосе трубата поитало кон реката, го преминало мовчето и од другата страна на брегот дало знак за напад. Тогаш Кајсар рекол: „Да тргнеме по патот на кој нè повикуваат божјите знаци и неправедноста на нашите непријатели. Коцката е фрлена!“ (на латински: Eatur quo deorum ostenta et inimicorum iniquitas vocat. Iacta alea est.)

Еден современик на Светониј, Плутарх, пишува дека Кајсар во мигот кога решил да го премине Рубикон не рекол „Коцката е фрлена“, туку рекол „Коцката нека биде фрлена“. Оваа реченица, според Плутарх, Кајсар не ја кажал на латински, туку на старогрчки јазик, цитирајќи го стихот Ἀνερρίφθω κύβος [Anerríphthō kýbos] од комедиографот Менандар. Ако му веруваме на Плутарх, тогаш Светониј згрешил во преводот, па наместо да преведе Iacta alea esto („Коцката нека биде фрлена“), превел Iacta alea est („Коцката е фрлена“). Коцката (латински alea, старогрчки κύβος) што се споменува во двете варијанти е, всушност, коцка со која во антиката се играла игра слична на денешната табла. Фрлањето на коцките, кои биле речиси идентични на коцките со кои и ден-денес се игра табла, го означувалo почетокот на играта.

Сентенцата Iacta alea est, попозната преку нејзината подоцнежна варијанта „Alea iacta est“, денес ја употребуваме кога, слично како Кајсар, по долго колебање, ќе донесеме некоја деликатна одлука.

Извор: Фејсбук страница ΑΡΓΩ