Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Во јануари 2006, пред точно 10 години, двајца студенти во Скопје, добри пријатели, во студентскиот дом Кузман Јосифовски Питу го создадоа Таратур. Едниот од нив, во следните редови ќе ви раскаже што се случи во приказната за „најсвежиот македонски забавен портал“.
Во 2005 година интернет сцената во Македонија изгледаше отприлика вака: имаше само неколку веб портали кои можеа да се избројат на едната рака, 2-3 прилично посетени форуми и еден популарен сајт за запознавање кој сега не постои. Бидејќи ретко кој дома имаше интернет, најголемиот дел од младите одеа во специјализирани интернет локали каде добар дел од времето го трошеа на забавните сајтови при што можеа да прочитаат некоја занимливост или да си симнат видео клипче, па да се забавуваат сами или со пријателите.
Такво интернет кафе имаше и во студентскиот дом Кузман Јосифовски Питу, каде што авторот на овие редови тогаш ’го вадеше лебот’. Така некако дојде идејата да се направи веб портал во кој ќе има буквално се и сешто. И од тој порив, дојдовме и до идејата за името. Таратур.ком беше слободен и на 17.01.2006 ги потрошивме првите неколку долари за домен. Закупивме и хостинг (македонски, кој на првото вирално видео се покажа дека е катастрофа), инсталиравме Друпал, испрограмиравме нешто што мислевме дека ќе задоволува и по неколку дена го објавивме првиот пост.
Бидејќи првиот Таратур имаше прилично едноставен дизајн (што тогаш не беше некој исклучок) на почетокот на 2007 го создадовме вториот Таратур со тогаш револуционерен концепт – сместување на статии во посебни блокови на насловната – нешто што го немаше ниеден портал во Македонија дотогаш, а веќе стануваше хит во светот. Први ставивме и наш видео плеер каде видеата се гледаа онлајн (дотогаш требаше да си симнеш клипче и да си го гледаш офлајн) и први почнавме посериозно да го третираме спортот. Од мноштвото спортски вести на Таратур нормално беше по некоја година да се оддели нов специјализиран портал – Sportski.mk.
Што се случуваше во меѓувреме? Голем број ѕвезди и познати фаци кои денес ги препознавате на улица станаа познати благодарение на Таратур. Ние бевме првите што ги промовиравме, им пуштавме видео материјали, им објавувавме песни. Еден познат стенд ап комичар стана хит благодарение на Таратур, а нема да бидеме нескромни ако кажеме дека и фамата со стенд ап комедијата во Македонија најмногу се јави меѓу другото и заради нас. Ги мајтапевме и најголемите кај нас, а особено интересни ни беа мејнстрим медиумите кои го учеа интернет занаетот често ’јадејќи кромид’. И многу легендарни ликови на интернет се појавија поради нас!
Сменивме неколку дизајни, за на крајот на 2014 да го поставиме сегашниот Таратур.
Од друга страна, не бевме и се уште не сме посебно заинтересирани за меѓупартиските препирки и сме внимавале да зачуваме политичка неутралност, но затоа отсекогаш сме јасни во однос на националните прашања, и особено проблемот што Грција го има со нашето име. Имавме прилично забележителни колумни на таа тема, први откривме неколку афери, а создадовме и една сатирична веб флеш игра „Опни ги копуците“, на која и овозможивме и англиска верзија ’Hit the bastards’. Во играта се исмеваа најзабележителните грчки фигури како Дора Бакојани и Костас Караманлис, па нема да згрешите ако претпоставите дека нашата игра се најде во сите грчки медиуми опишана како ’нова провокација на скопјаните’.
Направивме и уште неколку други проекти, некои успешни, некои ги изеде времето (прв интерактивен соновник, специјализиран подпортал за голови, портал за онлајн игри, за еротика и тн.)
Потоа за жал партиската политика влезе во македонскиот интернет простор, се случи хиперпродукција на портали кои веднаш си ставија партиски предзнак, па ’теренот за игра’ стана далеку потежок. Но, и понатаму успеваме да се носиме со предизвиците, да објавуваме работи што ние сметаме дека треба да се објавуваат и мораме да признаеме дека досега не сме имале воопшто проблеми со таквата наша политика – ниту досега некој од нас барал да ставиме или тргнеме вест, ниту била доведена во прашање нашата независност како медиум.
Но, веројатно поради нашиот таков став многу често гледа(в)ме уште ’неотворени’ портали на кои веднаш се форсираат реклами од големи компании, кај кои ние моравме да се ’окозиме’ само да дојдеме до нив. Како и да е, успеавме да преживееме многу премрежија, пораснавме учејќи од грешките кои веројатно ги правевме, за сега Таратур да е респектабилен портал на кој може комотно да му стави предзнакот „Со традиција“!
Во оваа прилика, по повод првата десетгодишнина, би сакал да им се заблагодарам од мое име и од името на целата редакција на Таратур, на сите оние кои придонесле за Таратур на било каков начин. На неколкуте колумнисти, соработници, на сите посетители кои ни испраќаат интересни материјали, на славните фаци кои со задоволство сме ги интервјуирале.
Нека ни се множат уште многу многу децении работа, а вие драги посетители и Фејсбук фанови кои секојдневно сте со нас, сте најголемиот поттик да бидеме што е можно покреативни и поуспешни во иднина.
Пишува: Костадин Стојаноски