Актуелно

Зошто ја сакаме Швајцарија, а се однесуваме како Венецуела?


Не можеме да станеме Швајцарија ако се однесуваме како Венецуела!

Секој си има свои причини зошто ја сака или не ја сака Швајцарија, но еве некои поради оваа централноевропска земја треба да им биде помеѓу омилените на љубителите на слободата.

Швајцарија е економски убедливо најслободна земја во Европа, па поради тоа е и горе-долу најбогата. Доколку се гледа БДП по жител, пред Швајцарија од европските земји се само Луксембург, Лихтенштајн и богатата со нафта Норвешка.

18.2.switzerland-pictures1
Иако законите за работа во Швајцарија се прилично флексибилни, не постои законски пропишана минимална плата, а политичката моќ на синдикатите е минимална. Стапката на невработеност е најниска во Европа (во моментов околу 3.5%, просекот на ЕУ е 9%), а просечните плати се речиси највисоки (повисоки се само во Лихтенштајн) и изнесуваат преку 4 илјади евра месечно, додека скоро никаде во ЕУ не поминуваат 3 илјади.

Државната потрошувачка се движи околу 33% од вкупниот БДП, што од либертаријанска перспектива е многу, но е значително пониско во однос на останатите развиени земји, особено доколку се земе во предвид висината на вкупниот национален доход и фактот дека богатите земји можат лесно да си дозволат висока јавна потрошувачка.

И покрај тоа што државната потрошувачка е ниска, а во последните 10 години, државниот буџет само два пати завршил во дефицит (и тоа 0.1% и 0.2% од БДП), Швајцарците не се соочиле со „катастрофалниот пад на агрегатната побарувачка“, туку гледаме дека константно имаат најниска невработеност на контитентот, а од рецесијата се извлекоа побрзо и посилно од повеќето европски земји.

Стандардната стапка на ДДВ во Швајцарија изнесува 8%, додека за некои производи се користи стапката од 2.5%, што е повторно забележително ниско во споредба со останатите развиени земји (од земјите членки на ЕУ, најниската основна стапка на ДДВ има Луксембург – 17%). Швајцарија, исто така, за денешни стандарди има и ниски стапки на данок на доход (иако имаат прогресивен данок, највисоката стапка на федерално ниво е 11.5%), додека не постои данок за капитална добивка и наследство.

5.1.svajcarija
Ниските даноци, односно релативно малиот рекет кон граѓаните, не ја доведоа Швајцарија до голем јавен долг. Напротив, јавниот долг на Швајцарија изнесува 34% од БДП, што е пониско од повеќето членки на ЕУ (во ЕУ помал јавен долг имаат само Естонија, Луксембург и Бугарија), а приносите на десетгодишните државни обврзници е дури негативни.

Швајцарската економија веќе неколку години поминува низ период на опаѓачки потрошувачки цени, односно дефлација. И покрај предвидувањата на кејнзијанските теоретичари, ова не доведе до ужаси и Швајцарија и понатаму остварува економски раст, а невработеноста се движи околу т.н. природна стапка.

18.2.switzerland-pictures2
За крај, швајцарските закони за поседување оружје на цивили се меѓу најлибералните, а швајцарското општество е највооружено во светот, гледајќи ја количината на оружје по глава на жител. Но и покрај ова Швајцарија редовно има една од најниските стапки на убиства во светот и е една од најсигурните земји во светот.

Швајцарија е и една од ретките земји чиј здравствен систем е целосно приватизиран и за чудо, сиромашните не умираат по улиците, туку швајцарските граѓани имаат највисок очекуван животен век (83 години), а нивните приватни болници и специјалистички клиники се меѓу најдобрите.

Швајцарија претставува трн во око на сите ортодоксни левичари, резиме на сето тоа што го презираат и против кое грчевито се борат, бидејќи претставува доказ што ги руши нивните убедувања.

Повеќто граѓани од Македонија, па дури и најтврдокорните левичари, би сакале во Македонија да имаме животен стандард сличен на швајцарскиот и услови за живот како во Швајцарија. Но доколку сакаме да станаме како Швајцарија, треба да го избереме и да тргнеме по тој пат и да почнеме да се однесуваме повеќе како Швајцарија, а помалку како Венецуела. Бидејќи со однесување како Венецуела може да станеме слични само на Венецуела, а не на Швајцарија.

Подготви: Наум Локоски
Извор: https://tkojejohngalt.wordpress.com/


Click to comment

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!

Copyright © 2017 Лав Медиа Груп

To Top