Зголемени плати, но зголемен и бројот на лица кои не примиле плата


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Се зголемиле платите во земјава во декември во однос на ноември 2016 година.  Ова се гледа од податоците кои денеска ги објави Државниот завод за статистика. 

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во декември 2016 година, изнесува 23 457 денари, a просечната бруто-плата била 34 374 денари.

За споредба, просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во ноември 2016 година, изнесуваше 22 380 денари. Истиот месец бруто платата беше  32 877 денари.

Во декември 2016 година, 1.6 проценти од вработените во Република Македонија не примиле плата. Според статистички податоци, во ноември лани 1.4 проценти од вработените во Република Македонија не земале плата.

Просечната месечна исплатена бруто плата по вработен, во декември лани во споредба со истиот месец од 2015 година е зголемена за 3,2 проценти.

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во декември 2016 година, во однос на декември 2015 година, изнесува 103.3. Неколку сектори ги движат напред платите. Ваквото зголемување се должи, пред сѐ, на зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата  по вработен во секторите: уметност, забава и рекреација (55.8 проценти), информации и комуникации (9.6 проценти) и градежништво (7.7 проценти).

Зголемување на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец, е забележано во секторите: уметност, забава и рекреација (48.2 проценти), информации и комуникации (22.1 проценти) и  стручни, научни и технички дејности (13.0 проценти). Слична е состојбата и за бруто плата.

Сепак, овој благ пораст не може да придонесе да се смени сликата за Македонија која има најниски плати во регионот.