Законските даночни измени се терет и трошок за обврзниците


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Законските измени за регистрирањето за плаќање на ДДВ на физичките лица кои извршуваат стопанска дејност и намалениот праг за регистрација од два милиона денари на милион денари е дополнително оптоварување и трошоци за обврзниците. Неопходна е и поголема транспарентност и кампања за поголемо информирање на граѓаните затоа што непознавањето на законските измени не ги ослободува од обврските кон Управата за јавни приходи.

Тоа се дел од оценките изнесени на денешната трибина ДДВ за физички лица, за и против, што се одржа во организација на Центарот за даночна политика и Асоцијацијата на економски истражувачи.

Според Трајан Николовски од Здружението за даночни советници, промената во прагот за даночните обврзници е релативно лоша од практични причини и се создаваат дополнителни обврски и трошоци.

Мислам дека е прилично лошо кога се избира низок праг за даночни обврзници бидејќи со тоа се создава обврска за малите даночни обврзници кои ќе треба да се регистрираат, ќе треба дополнително да ги обработуваат податоците, да пополнуваат пријави, да плаќаат даночни советници, изјави Николовски.

Од друга страна, посочи, треба да се има предвид дека е многу мал делот на приходи коишто се создаваат од малите даночни обврзници од аспект на трошоците.

Трошоците на даночните обврзници се големи, еден семкар ако не знае ќе треба да ангажира човек да му пополни даночна пријава. Пресметајте колку ќе му биде трошокот на годишно ниво, можеби илјада евра и повеќе, а тој нема толку приход да плати на државата, што значи огромно оптоварување, рече Николовски, посочувајќи дека во Законот за данокот на додадена вредност, и досега беше овозможена доброволна регистрација и на најмалите обврзници.

Професорката по даночно право на Правниот факултет при УКИМ Скопје, Александра Максимовска, оцени дека со последната даночна измена, граѓаните физички лица кои претходно не биле регистрирани, како на пример оние што издаваат под закуп станови или деловен простор и само поднесувале даночна пријава за персонален данок, ќе се најдат во многу деликатна ситуација.

Сега ќе треба да имаат мини сметководствена програма и постојано да размислуваат дали ќе го надминат прагот и откако ќе го достигнат што да прават. Мое очекување е дека може да дојде до злоупотреба, граѓаните ќе наоѓаат начини да го избегнат плаќањето со тоа што ќе прават пренесување на имотот, ќе пренесуваат разни договори со кои што всушност ќе обезбедат приливите од закупнините да одат на различни места и да не го исполнат условот за милион денари. Со тоа ќе се вратат назад во категоријата обврзници за плаќање на персонален данок на доход, изјави Максимовска.

Последната законска измена, според Максимовска, ќе се одрази и на оценките од ЕУ во однос на хармонизацијата на домашното законодавство. Со оваа измена, појасни, отстапуваме од шестата ДДВ директива според која се правени сите други ДДВ закони и на членките на ЕУ и на аспирантите за членство во ЕУ бидејќи се мешаат поимите на приход и на промет.

Максимовска нагласи дека треба да се има предвид и дека непознавањето на правото не ослободува од обврски. Тоа, потенцира, значи дека никому не можете да се пожалите во Управата за јавни приходи дека не сте знаеле за обврската. Никој нема да ве ослободи од даночна одговорност ако речете дека не сте запознаени со обврската да бидете регистрирани и дека се случило менување на правото, рече Максимовска.