ЗАКОН ЗА АМНЕСТИЈА: Ќе се ослободат околу 670 осуденици, намалена казна ќе има за 3.097 лица!


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Со новиот предлог закон за амнестија се предвидува целосно ослободување за сторителите на помали кривични дела, како и за намалување на казните за кривични дела сторени до 20 септември годинава. Реакциите на социјалните мрежи се поделени.

Предлог-законот за амнестија ќе се носи по редовна постапка, а рокот за амнестија ќе се однесува за кривични дела сторени до 20 септември годинава. Предлог-текстот вчера беше усвоен на владина седница.

Владиниот портпарол Миле Бошњаковски денеска појасни дека датумот е произлезен од јавната расправа и укажувањата на експертите.

– Не се предвидува амнестија за лица правосилно осудени на казна доживотен затвор, како и за сторители на кривично дело „убиство“ од член 123. Не е предвидена амнестија за кривични дела против избори и гласање, за кривични дела против половата слобода и половиот морал, за кривични дела против државата, за кривични дела против јавниот ред, како и за кривични дела против човечноста и меѓународното право, изјави Бошњаковски.

Статистиките покажуваат дека со овој закон би биле ослободени приближно 670 правосилно осудени лица на казна затвор на шест месеци, додека на 3.097 лица ќе им биде намалена казната за 30 проценти.

На социјалните мрежи реакциите се поделени. Додека едни го оправдуваат овој потег на владата, други предупредуваат дека со законот за амнестија улиците повторно ќе се преполнат со криминалци кои ќе бидат закана за имотот и слободата на граѓаните.