Научна реалност

За „среден прст“ кон Русија: САД имале план за фрлање нуклеарка на Месечината


Покрај целиот научен прогрес и генералното лудило што се случувало за време на Студената Војна, САД сакале да фрлат нуклеарна бомба на Месечината.

Идејата била „протната“ дека е во интерес на науката, но всушност претставувала голем „среден прст“ кон СССР.

Декласифициран извештај од Центарот за нуклеарни оружја на воздухопловните сили на САД од јуни 1959 покажува колку овој план, наречен A119, бил сериозно разгледуван. Во суштина, тие сакале да ја истражат способноста на оружјата во вселената, како и на вселенската околина и нејзиното влијание врз нуклеарните уреди.

Во извештајот се објаснува дека мотивацијата за нуклеарна детонација би била тројна: научна, воена, и политичка. На 190 страни се дискутираат можните ефекти на површината на Месечината, како би можеле да се вршат сеизмички истражувања за време на експлозијата, и колку долго би траеле радиоактивните последици.

Идејата била да се детонира малечка нуклеарна боева глава W25 во областа на Месечината помеѓу осветлената и темната страна, така што печуркастиот облак би бил осветлен од сонцето и би се гледал и од Земјата, и што било најважно, од Москва. Бомбата би била со моќност од 1.7 килотони, што е релативно мала вредност, но не е и занемарувачка.

Проектот A119 бил воден од др. Леонард Рајфел, кој подоцна станал заменик директор во NASA за Аполо програмата, високи функционери од воздухопловните сили на САД, како и неколку врвни научници вклучувајќи го Герард Куипер, голема фигура во модерната планетарна наука.

Легендарниот Карл Саган исто така работел на овој проект – години пред да стане критичар на нуклеарните оружја, тој бил вработен од Рајфел да предвиди колку голем и видилив би бил облакот прашина во вселената околу Месечината.

Во интервјуто дадено за The Observer кратко откога деталите околу планов биле објавени, др. Рајфел изјавил дека науката имала најмало влијание врз овој ексцентричен план, и дека во врвот на Студената Војна, тој би претставувал еден вид на презентација „чии мускули се поголеми“.

За среќа, проектот A119 никогаш не се остварил, поради стравот од можната реакција на јавноста. Се верува и дека СССР тогаш имале сличен план, меѓутоа за него не се знае скоро ништо.

Веќе од 1963 и 1967 постојат договори со кои се спречува детонирање на нуклеарен уред на или околу Месечината.



Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!

Copyright © 2017 Лав Медиа Груп

To Top
Connect!