За љубителите на романот и фотографијата: „Историја на светлината“ од Њемец во превод на Диме Митревски


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го најави објавувањето на романот „Историја на светлината“ од чешкиот писател Јан Њемец, книга за чешкиот фотограф Франтишек Дртикол и за почетоците на фотографијата како нов вид уметност. Преводот на македонски е на Диме Митревски.

Сте размислувале ли некогаш како би изгледала приказна раскажана со светлосни зраци? Кој бил, всушност, Франтишек Дртикол? Конте од рударско гратче, светски познат фотограф со пропаднат бизнис, мајстор на актот што немал среќа со жените, мистик и будист што поверувал во комунизмот, со еден збор – маж синтеза на многу противречности. Романот претставува вистинска фреска, која покрива повеќе од половина век: во неа оживуваат прибрамските рудници за сребро, Минхен во периодот на сецесијата, како и боемштината на Првата република, кога моделките еднаподруга голи се шетаат на светлото, кое незабележливо се слева со свеста.

27-12-istorija-na-svetlinata1

„Историја на светлината“ е добитник на Европската награда за книжевност во 2014 година, како и на наградата „Чешка книга“. Преведен е на 12 јазици. Критиката го препорачува како за сериозните фотољупци така и за лаиците.

Книгата е објавена со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија.

Јан Њемец (1981) е современ чешки автор. Студирал социологија и религионистика, како и театарска драматургија. Работи како уредник во издавачката куќа „Хост“ и во истоименото списание. Редовно пишува и во неделникот „Респект“. Од 2014 година е претседател на новоформираната Асоцијација на писатели. Син е на писателот Лудвик Њемец.

Диме Митревски (Прилеп, 1988) е преведувач од чешки и англиски јазик. По додипломските студии од областа на англистика и бохемистика на Филолошкиот факултет во Скопје, магистрира на Масариковиот универзитет во Брно, Република Чешка, на групата за Книжевност и меѓукултурна комуникација. Образованието го продолжува како докторанд на Масариковиот универзитет од областа на театарскиот превод. Досега превел повеќе дела од канонските чешки автори како Карел Чапек, Бохумил Храбал и Милан Кундера, но преведува и современи автори: Петра Хулова, Јан Њемец, Јан Балабан и други.