За Апелација „бомбите“ се прифатливи докази, СЈО ги има набавено по законски пат


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Скопскиот Апелациски суд го објави решението со кое ја прифаќа жалбата на СЈО против експремиерот Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, пратеничката Даниела Рангелова и уште 11 обвинети за насилството во Општина Центар. Во образложението наведуваат дека прислушуваните телефонски разговори може да се користат како докази затоа што биле прибавени на законит начин од страна на Специјалното јавно обвинителство. Од судот се повикуваат на Законот за кривичната постапка во делот каде што се регулира начинот на прибавување на доказите, а не нивното создавање.

„Без разлика како во конкретниот случај се создадени предметните аудиозаписи од телефонски разговори, тие се прибавени на законит начин и може да се користат во постапката врз основа на Законот за јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите („Службен весник“ 159/15) и чл. 287 од Законот за кривичната постапка, кој ја регулира обврската за доставување податоци на јавниот обвинител, во случајот надлежен да истражува и гони за кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластеното следење на комуникациите, кому политичката партија му ги доставила овие снимки и други снимки, документи во електронска форма и писмени докази“, се вели во решението.

Во дел од образложението од Апелација велат и дека со самото формирање на Специјалното јавно обвинителство, аудиозаписите од телефонските разговори се внесени во правниот поредок на Република Македонија.

„Со донесување на споменатиот Закон за јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите („Службен весник“ 159/15), за овој суд аудиозаписите од телефонските разговори се внесени во правниот поредок на Република Македонија и врз нивна основа Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите истражува кривични дела и гони сторители и тие стануваат дел од доказниот материјал“, пишува во образложението од Апелација.

Оттаму се повикуваат и на претходна одлука на Апелацискиот суд, каде што бомбите се прифаќаат, како што беше со случајот „Шпион“.

Инаку, одлуката следува по жалбата на СЈО откако судијката Татјана Михајлова од Кривичниот суд ги отфрли бомбите како доказ во судскиот процес. Против оваа одлука не е предвидена жалба.