Војната на која сите подзаборавија: Пекол на истокот од Украина (видео)


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Во рововската војна на истокот на Украина ситуацијата се заострува, а во околината на Доњецк повторно се водат жестоки борби, јавува Дојче веле, а пренесува Мкд.мк.

Рововската војна во источна Украина досега тлееше, а сега во едно место повторно се разгоре. Од гратчето Авдиивка кај Доњецк јавуваат дека од викендот траат жестоки борби меѓу украинската армија и проруските сепаратисти и се заканува хуманитарна катастрофа. Синоќа сепаратистите, според украинските медиуми, отвориле оган од тешко оружје како што е повеќецевниот ракетен лансер град. Украинскиот претседател Петро Порошенко вчера ја прекина својата посета на Берлин и се врати во Украина.

Местото во кое војната не престана

Ова е најтешката ескалација на конфликтот во последните месеци. Според официјалните податоци на Киев, во текот на изминатите два дена се убиени седум украински војници, а ранети се 35. Претставниците на самопрогласената Доњецка Народна Република од своја страна пријавија шест мртви и 13 ранети. Двете страни меѓусебно се обвинуваат за ескалацијата.

Авдиивка е оддалечена само шест километри од упориштето на сепаратистите Доњецк. Се наоѓа на страната која ја контролира Киев. Тоа е едно од малкуте места во кои, и покрај договорите од Минск, војната никогаш не престана. Особено се жестоки борбите во таканаречената Промзона, индустриски дел на периферијата на градот. Сепаратистите постојано се обидуваат да го заземат тој терен, најверојатно за да ја поместат линијата на раздвојување кај Доњецк.

На раб на хуманитарна катастрофа

Во моментов нешто повеќе од половина од 35-те илјади жители живеат на линијата на фронтот. Нивниот живот е сега особено загрозен. Во последните судири прекинато е снабдувањето со струја, вода и греење. При тоа во Украина во моментов владее поларна зима со температури од минус 20 степени Целзиусови. Затоа во Авдиивка е прогласена вонредна состојба. Властите подготвуваат евакуација на илјадници луѓе за да спречат катастрофа.

За снабдувањето на градот со струја и вода клучна е фабриката за кокс во Авдиивка која е една од најголемите во Европа. Таа е под постојан оган.

Заострување во сенка на изборите во САД

Во сенка на изборите во САД, ситуацијата во источна Украина се заостри уште на крајот на 2016. Жестоки борби се водат и кај Свитлодарск, областа која како некаков клин лежи меѓу Доњецк и Луганск. Во декември таму се водеа борби во кои загинаа повеќе украински војници. На почетокот на декември, според киевските медиуми, украинските единици извеле тивка офанзива и ја прошириле територијата под своја контрола.

Ескалацијата како средство за притисок?

Моменталното заострување наликува на настаните од пред две години. Тогаш на сепаратистите им успеа да го освојат аеродромот во Доњецк. Жестоките борби вдолж целата линија на фронтот ги принудија украинската влада и западните посредници директно да преговараат со сепаратистите и да ги потпишат договорите од Минск во февруари 2015. Но, спроведувањето на тие договори е блокирано меѓу другото и затоа што украинската влада одбива да ги направи договорените политички отстапки.

Коментаторите во Киев сметаат дека проруските сепаратисти и сега сакаат со ескалација да ја принудат Украина на отстапки. Тие тврдат дека ситуацијата се заострила само неколку дена по првиот телефонски разговор на новиот претседател на САД Доналд Трамп и неговиот руски колега Владимир Путин. Се зборува дека тие двајца разговарале за конфликтот во Украина, но не се знаат деталите. Трамп за време на кампањата неколку пати позитивно се изрази за Путин и истакна подготвеност да разговара за укинување на санкциите.

Слични обвинувања можат да се слушнат и од Доњецк и Луганск. Киев ја заострува ситуацијата за да го привлече вниманието на светот, изјави вчера претставник на сепаратистите.