Во вторник задолжување од нови 24 милиони евра


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Министерството за финансии во текот на утрешниот ден повторно ќе се задолжи, овој пат кај домашните банки и осигурителни компании, од каде ќе земе заем од речиси 24 милиони евра.

Ова ќе биде второ задолжување на домашниот пазар годинава, а трето после еврообврзницата од половина милијарда евра. Од Министерството за финансии велат дека парите се земаат за да се врати стар долг. Заемите и враќањето на долговите веќе се објавени на календарот на Министерството за финансии.

„Од тие објави јасно е дека планираното повлекување на средствата по основ на конкретната аукција на ДХВ е еднакво на она што доспева по истиот основ во периодот кој следи“, велат од Министерството за финансии

Според календарот на 24 и на 29 јануари државата треба да врати стар долг од речиси 24 милиони евра. Но од Министерството за финансии не дадоа објаснување дали ќе се прекине со домашното задолжување со оглед на тоа што со еврообврзницата на почетокот на годинава се задолживме половина милијарда евра.

Според календарот, годинава Министерството 12 пати ќе се задолжи на домашниот пазар преку издавање на државни хартии од вредност. Два пати во месецот се предвидени аукции на државни записи и државни обврзници. Претходната власт се задолжуваше по четири пати месечно.

Владата на последната седница на крајот на минатата година одлучи дека преку издавање на домашни хартии од вредност ќе може да се задолжи 288 милиони евра, што е за речиси 90 милиони повеќе од она што треба да вратиме. Долгот кон странство е нешто помал од домашниот. Оваа 2018 треба да вратиме 170 милиони евра.

Задолжувањата засилија изминатите години, и во странство и на домашниот пазар.

Јавниот долг на Македонија заклучно со септември 2017 та изнесува 4,6 милијарди евра или 45,8 проценти од БДП. ДО 2020 година Македонија треба да врати дол од 1,2 милијарди евра.