Актуелно

Во Прилеп се одржа традиционалниот Божикен ручек за 500 деца


Во Прилеп денеска по 11-ти пат, по повод празникот на Христовото раѓање, во хотелот „Кристал Палас“, се одржа традиционалниот Божикен ручек, на кој учество зедоа околу 500 деца од цела Македонија. За жал поради лошите временски услови дел од поканетите не успеаа да присуствуваат на оваа манифестација. Настанот е во организација на „Детската амбасада – За сите деца во светот“. Мотото на овој настан е „Едно небо за сите деца“.

„На оваа заедничката трпеза денеска седнаа децата без родители, децата на загинатите бранители, децата со посебни потреби, деца од семејства од социјален ризик како и деца членови на Детската амбасада. Оваа година „Детската амбасада За сите деца во светот“ одлучи да додели „Орден за носител на мирот“ на „А.Д. Електрани на Македонија – ЕЛЕМ“, а плакета за пријател децата оваа година добија Христијан Тодороски, „А.Д. Алкалоид“ и хотел „Инекс Горица““, изјави Александра Северкоска Стојаноска, извршен директор на „Детската амбасада – За сите деца во светот“.

_mg_3006

Како и секоја година така и оваа Божикниот ручек беше поддржан од локалната самоуправа на Прилеп и градоначалникот Марјан Ристески.

„Секоја година ние како локална самоуправа го поддржуваме овој настан и јас лично присуствувам на него. Тука заедно се дружиме со повеќе од 500 дечиња и во оваа прилика сакам да ја упатам пораката дека Божик треба да го поминеме со најблиските, а во овој миг нашите најблиски се децата од цела Македонија и порачувам тие да имаат радост, успех, здравје, среќа, безгрижно детство и што е можно повеќе да се сеќаваме и дружиме со нив, а не само на овие празници. Локалната самоуправа на Прилеп секогаш ги поддржува овие хуманитарни активности кои ги имаме многу преку целата година, а овој настан е прва ваква хуманитарна активност за оваа година. Го честитам Божик со христијанскиот празник „Христос се роди, Навистина се роди“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

_mg_3041

Ручекот традиционално го благослови Владиката Петар, Митрополит Преспанско – Пелагониски и администратор Австралиско-Новозеландски.

„Празникот Божик е раѓање на синот Божји кој од преголема љубов кон човечкиот род излезе од прегратките на Отецот и доброволно прифати да прими човечко тело. Така денес малиот Бог е всушност оној кој го славиме и Тој не радост за сите деца. Овој празник може да се нарече и празник на децата. Ние се радуваме како црква што се поправилно почнуваме да ги празнуваме празниците, а осообено овој празник. Ние во Битола еве повеќе од 5 години го празнуваме празникот со коледарчињата кои до пред извесен период пееја непристојни песни за овој ден, а сега се пејат пригодни песни како онаа за раѓањето на Христос и одат со една импровизирана пештера на која е претставено раѓањето на Христос. „Христос се роди, Навистина се роди““, истакна Г. Петар, Митрополит Преспанско – Пелагониски и администратор Австралиско-Новозеландски.

_mg_3112
Освен од православна вероисповед на настанот приствуваа и деца од другите религии.

„Мојата желба за Божик е сите да сме среќни, да има слога, мир и љубов. Се чувствувам прекрасно, повеќе години сум дел од овој Божикен ручек во организација на „Детската амбасада – За сите деца во светот“ и ова е убаво искуство за мене“, рече Александра Кузманоска, дете учесник на Божикниот ручек.

„Мојата желба за Божик е да биде среќна мојата фамилија, да има радост и љубов за сите во светот, јас по втор пат учествувам на овој ручек, се дружиме со децата тука и атмосферата е многу убава“, кажа Леонардо Талески, дете учесник на Божикниот ручек.

Владиката Петар, на отворањето на овој настан, рече дека радоста за нашата црква била голема денеска, затоа тие секоја година биле присутни тука, бидејќи иднината на нашата црква и иднината на Македонија била токму во идните генерации што доаѓаат.


Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!

Copyright © 2017 Лав Медиа Груп

To Top