Актуелно

Во Косово ослободен Лирим Јакупи „Нацист“


Основниот суд во Гњилане го ослободи Лирим Јакупи, познат и како „Нацист“, од обвинението за отворање оган врз македонската полиција во Скопје во 2014 година и во Тетово во 2004 година.

Јакупи, кој во Македонија во отсуство е осуден на 15 години затвор за организирање на терористичка група и нелегално поседување на оружје, беше прогласен за невин за обид за убиство во соработка со други.

Судијата, Азиз Шаќири, го отфрли обвинението, додека за другите обвиненија против Јакупи – неовластено поседување, контрола или употреба на оружје – оцени дека се застарени.

Јакупи беше обвинет дека заедно со друго лице пукал врз тројца униформирани полицајци во Скопје на 15 септември 2014 година додека патролирале во полициски автомобил.

„Со пукање кај тројцата полицајци, Лирим Јакупи се обиде да ги лиши од живот во следните околности: тој намерно ги загрозуваше животите на овие луѓе, постапувајќи безмилосно и насилно, во време кога тројцата полицајци ја извршуваа својата должност “, се тврди во обвинението.

Јакупи се приклучи на Ослободителната војска на Косово во 1998 година и се бореше против српските безбедносни сили. Тој, исто така, беше вклучен во формирањето на Ослободителната војска на Прешево, Медвеѓа и Бујановац, ОВПМБ, која започна во 2000 година со серија напади врз безбедносните сили во областите во јужна Србија населени со Албанци.

Откако ОВПМБ се демобилизира, Јакупи живееше во Косово каде беше уапсен 2007 од страна на Меѓународните безбедносни сили, но во авгст истата година тој заедно со уште седум затвореници избега од затворот во Дубрава. Јакупи заедно со Рамадан Шити избега во Македонија и организираше вооружена група стационирана во село Бродец, во близина на границата со Косово.

Кон крајот на 2007 македонската полиција изврши акција во селото Бродец наречена „Планинска бура“ при што беа убиени осум припадници на оваа група и запленето големо количество оружје.

Лирим Јакупи успеа да избега на Косово каде повторно е уапсен во 2010 година од страна на косовската полиција, при што во неговиот стан е пронајдена значително количество на оружје.


loading...
Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!


Учество во игри на среќа е дозволено за лица со 18+ години. Играј одговорно!

To Top