Во близина на штипско Криви Дол откриена базилика стара 1.500 години


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


На петнаесетина километри југозападно од штипското село Криви Дол, во тешко пристапен и пуст предел деновиве беше откриена рановизантиска базилика стара околу 15 века.

Иако е во близина на магистралниот пат Штип – Велес и до новиот автопат во изградба Штип – Скопје, до новото археолошко наоѓалиште Аргачи се стигнува само пеш, со теренско возило или трактор. Археолозите велат дека базиликата долга 16, а широка 10,4 метри изгледа импозантно во предел со голи ридишта во кој сега нема луѓе, па дури ни сигнал за мобилен телефон, но стариот сакрален објект покажал дека тука некогаш имало шуми, поле полно со живот. Проектот е на Институтот за историја на уметноста и археологија на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и се реализира во соработка со стручна екипа од штипскиот Завод и музеј. Дел е од капиталните проекти на Управата за заштита на културното наследство и Министерството за култура.

„Станува збор за трикорабна базилика, која, најверојатно, потекнува од 5 или од 6 век од новата ера. Градена е многу солидно со материјал од овој терен, главно доброобработен камен, со столбови, а најдобро сочуван е апсидалниот дел. Таа е со фасцинантни димензии, ја градело локалното население за кое не можеме да констатираме каде точно живеело. Веројатно било овде, во близина, на некој сè уште непознат археолошки локалитет“, истакнува раководителот на проектот, Марјан Јованов од Институтот. На локалитетот каде што пред две децении се регистрирани диви копачи, од кои тогаш бил одземен и археолошки материјал, истражувањата почнаа пред дваесетина дена, ќе траат уште толку, а најавено е нивно продолжување и в година.

„Овој крај, во чија близина секогаш се вкрстувале важни патишта, а блиску е и реката Брегалница, е многу богат со археолошки локалитети. Околу Криви Дол се и наоѓаат и локалитетот Грамади од римскиот период, потоа бронзенодопската Бежанија, па Старо Село со некропола и црква од средниот век, а во близина е и таканаречениот Ѓаволски ѕид, кој е на светиниколска територија. Не случајно и оваа, новооткриена базилика е на овие простори, кои заслужуваат почести истражувања и анализи“, вели Митко Штерјов од штипскиот Завод и музеј.