ВМРО-ДПМНЕ: Во здравството се одвива најголемиот инвестициски циклус


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Залудно се обидува СДСМ да фрли дамка на здравствениот систем во кој се спроведува најголемиот инвестициски циклус во историјата на македонското здравство. Околу 110 милиони евра изнесува инвестицијата за градби и реконструкции на јавни здравствени установи низ државата кои се веќе комплетно завршени или се во тек.

Ова се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ, на пресот на портпаролот на СДСМ Петре Шилегов, која ја обвини власта дека и покрај тоа што ветила, не изградила нов клинички центар во Скопје.

„Изградивме нова Детска болница во Козле, според врвните светски стандарди за лекување и третман на најмладите пациенти. Изградивме комплетно нов објект за ПЕТ-Центарот – најсложен здравствен објект изграден во историјата на Република Македонија, за кој е обезбедена и најсовремена опрема. Реновиравме и реконструиравме бројни болници и здравствени домови низ државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, интензивно се одвиваат градежните работи за изградба на нова клиничка болница – инвестиција вредна околу 56 милиони евра, вклучувајќи ја и инвестицијата за нова опрема, проектирање и други инфраструктурни зафати, со кои штипската болница ќе прерасне во најсовремена болница во поширокиот регион.

„Во македонското здравство се инвестирани над 115 милиони евра за набавка на нова, најсовремена медицинска опрема со која сериозно го подигнавме квалитетот на здравствените услуги. За првпат отворивме и успешно функционираат државна кардиохирургија, детска кардиохирургија, интервентна кардиологија. Ова е реалната слика за македонскиот здравствен систем, наспроти лажната слика која СДСМ се обидува да ја креира низ личните фрустрации, неуспеси и ниту еден реализиран проект во било кој сегмент од здравството“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.