ВМРО-ДПМНЕ ќе бара амнестија или прекин на постапката и ослободување на лицата учесници во немилите настани од 27-ми април


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Извршниот комитет (ИК) на ВМРО ДПМНЕ на својата последна седница расправаше за повеќе прашања и донесе повеќе заклучоци.

ИК констатираше дека во изминатите 5 месеци очигледна е политиката на власта за масовно ослободување на криминалци од затворите и притворските одделенија по разни фабрикувани правни основи чии заеднички именител е политичка интервенција од власта.

Така, веднаш по доаѓањето на власт СДС која во овој момент има целосна контрола врз обвинителствата и судството во Македонија ги ослободи од затвор Агим Красничи од Кондово, затворен за серија тешки криминални дела, а на кого јавноста се сеќава дека во 2004-тата го држеше Скопје под безбедносна опсада цели 4 месеци, Бајруш Сејдиу од Куманово осуден исто така за редица тешки кривични дела, Велија Рамковски од Скопје исто така осуден за поголем број кривични дела, од притвор го ослободи и му овозможи божемен куќен притвор на Сеат Рахиќ, осомничен за растурање и продавање дрога, кого јавноста пред само три дена го виде во улога на напаѓач на претседателот на партијата ГРОМ и група нејзини членови, како и плејада други осудени или осомничени криминалци за тешки кривични дела.

Покрај ова СДС, согласно ветувањата дадени кон коалициониот партнер ДУИ, а кои беа дел од т.н. Тиранска платформа, издејствува обвинителството да побара укинување на судската извршна пресуда против лицата кои извршија свирепо убиство на 5 млади лица додека ловеле риба во Смилковското езеро, случај познат во јавноста како Монструм, чие судење и пресуди завршија не само пред кривичниот суд, туку беа потврдени и од Апелациониот суд.

Непосредно пред почетокот на изборната кампања, владата објави дека усвои закон за амнестија на затворениците, со кој ќе бидат амнестирани околу 1.050 затвореници за сторени тешки кривични дела меѓу кои огромен дел се кривични дела за тешки телесни повреди. Иако ВМРО ДПМНЕ се спротивстави на оваа идеја која имаше јасна политичка заднина во пресрет на изборите, јасно е дека истата ќе биде реализирана заради одлуката на владејачкото мнозинство во парламентот предводено од СДС и ДУИ.

ВМРО ДПМНЕ од секогаш се залагаше за правда и правна држава, но очигледно е дека по доаѓањето на власт на СДС, такво нешто веќе не постои, и има само селективна правда, политички реваншизам, контролирано од власта обвинителство и суд, и масовно ослободување на прекршителите на закони кои се блиски или корисни за власта, а на сметка на тоа драстично казнување на неистомислениците.

Оттука, ИК на ВМРО ДПМНЕ информира дека покренува иницијатива за итно и неодложно ослободување и амнестирање на сите лица кои извршиле одредени законски прекршувања во инцидентите пред и во парламентот на Република Македонија на 27-ми април 2017-та година.

ВМРО ДПМНЕ иако беше со блиски а во некои делови и идентични ставови со ставовите на граѓаните кои мирно протестираа цели 80 дена, беше првата партија која јавно ги осуди законските прекршувања од дел од граѓаните кои протестираа и со тоа се наруши мирниот карактер на овие граѓански протести. Сепак, гледајќи од денешна гледна точка, кога пред очите на целата јавност со политичка одлука и интервенција се ослободуваат огромен број сторители на тешки кривични дела, меѓу кои и свирепи убиства на етничка база, што говори дека е ова масовен тренд, добро испланиран, а не случајност, ВМРО ДПМНЕ смета дека е неправедно било какво натамошно гонење на лицата учесници во немирите на 27ми април.

Ние сочувствуваме и жестоко ги осудивме повредувањата на пратениците на 27-ми април, но не сметаме дека нивните рани повеќе болат од раните на оние лица чии сторители наскоро ќе бидат ослободени со законот за амнестија веднаш по изборите. Уште помалку цениме дека делата за кои се теретат овие лица се поважни од животите на убиените млади лица кај Смилковското езеро, и редица други повреди сторени од лица кои веќе се наоѓаат на слобода или наскоро ќе се најдат на слобода со политички договор помеѓу коалиционите партнери на власта или со политичка одлука или интервенција на СДС.

ИК на ВМРО ДПМНЕ соопштува дека од овие причини пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ ќе поднесе амандман на законот за амнестија или ќе предложи посебен закон за прекин на постапката и ослободување на лицата учесници во немилите настани од 27-ми април 2017.

Со ова партијата не го менува својот став во правец дека физичкиот напад врз пратениците беше голема грешка на дел од демонстрантите, ниту пак се повлекува од неговата осуда, но, имајќи ги во предвид неправдите со ослободување по политичка интервенција и договор на сторители на идентични или потешки кривични дела, смета дека правично е да се ослободат и овие лица. Сметаме дека овој чин ќе придонесе кон помирување во Македонија и релаксирање на политичките тензии.