ВМРО-ДПМНЕ го избира Мицкоски за лидер


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


ВМРО-ДПМНЕ денеска во Валандово го избира новиот партиски лидер. Единствениот кандидат кој би требало да го замени долгогодишниот лидер Никола Груевски е Христијан Мицкоски. Дел од истакнатите партиски кадри го бојкотираат конгресот, на кој има кворум за работа, пишува Слободна Европа.

Делегатите на ВМРО-ДПМНЕ денеска на вонредниот изборен конгрес што се одржува во Валандово ќе гласаат за партиски претседател, единствениот кандидат за оваа функција, Христијан Мицкоски.

Конгресот почна од вчера доцна попладне, а од 544 делегати, како што соопшти претседателката на верификационата комисија Светлана Јакимовска присутни се 411 делегати. Со оваа бројка се исплни обрската од членот 18 од партискиот статут, според кој„конгресот може да работи ако се присутни најмалку две третини од вкупниот број делегати“, односно најмалку 363 делегати.

Синоќа во салата неколкупати аплауз предизвика споменувањето на долгогодишниот претседател на партијата Никола Груевски, особено кога претседателот на организацискиот одбор на Конгресот, Спиро Ристовски рече дека на ВМРО-ДПМНЕ му е потребен лидер кој ќе биде достоен наследник на досегашниот и му се заблагодари за сите успеси.

Груевски, пак, пред почетокот на конгресот, изјави дека треба да имаат мирен и транспарентен конгрес, да се донесат мудри и рационални одлуки.

“Потоа треба да се насочиме кон напредна и просперитетна Македонија, а предуслов за тоа е рушење од власт на нашиот политички опонент, СДСМ. Верувам дека работите ќе одат во добар правец”, изјави Груевски.

Мицкоски, кој вчера седеше до Груевски, рече дека насоките врз кои ќе почива идната политика на ВМРО-ДПМНЕ ако биде избран за претседател на партијата ќе ги образложи денеска пред делегатите на 16 вонреден Конгрес.

Непосредно пред почетокот на настанот во Валандово, двајцата истакнати членови на ВМРО-ДПМНЕ и експонирани пратеници Антонијо Милошоски и Илија Димовски соопштија дека нема да присуствуваат на конгресот.

Милошоски рече дека немало да оди на конгрес во чиј демократски капацитет се сомневал.

„Нема да учествувам бидејќи мислам и дека во овие важни моменти за ВМРО-ДПМНЕ ќе беше многу попродуктивно за партијата да имаме конгрес со можности за лојална конкуренција“, вели Милошоски.

Димовски, пак, на социјалната мрежа Фејсбук напиша дека нема да учествува на конгресот оти раководните лица и органи во партијата не создале и не овозможиле услови за демократски конгрес.

Двајцата беа дел од потписниците на иницијативата со која бараа одложување на конгресот за крајот на февруари, поради како што напишаа фаворизирање на еден кандидат од партиските структури. Покрај нив на писмото се потпишаа и други истакнати функционери но дел од нив отидоа во Валандово, како на пример поранешната пратеничка Светлана Јакимовска која е и претседателка на верификационата комисија на конгресот.

Од поистакнатите партиски личности во Валандово се и пратеникот Владимир Ѓорчев, поранешните министри Миле Јанакиески, Елизабета Канческа – Милевска, Диме Спасов, поранешните градоначалници Коце Трајановски и Маријан Ристески, поранешниот премиер Емил Димитриев и други.

Според агендата за работа изборот на претседател на ВМРО-ДПМНЕ е 13 точка, а неговото обраќање е последна 16 точка.