Влезе во историјата: Григорова е првата жена која ја истрча епската рута Ком-Емине


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Антонија Григорова си обезбеди место во историјата како првата жена која успеала да го реализира подвигот брзинско изминување на најдолгата туристичка рута во Бугарија, Ком-Емине. Во раните утрински часови на 7 август, таа го допре светилникот на Емине со што го заврши епското брзинско патешествие долго 600 километри преку целата должина на Стара Планина за 5 дена, 22 часа и 55 минути.

Повеќекратната републичка шампионка во ориентација, крос-кантри скијање и скијање во остварување на овој предизвик тргна на 1 август во 4:30 наутро. Еве во најкратки црти какво беше нејзиното време на движење.

Прв ден: Ком-Витиња (100 км за 15 часа и 55 минути)

Втор ден: Витиња-Козја стена (88 км за 19 часа и 22 минути)

Трет ден: Козја стена-Узана (на врвот Ботев во 15:05)

Четврт ден: Узана-Агликина полјана (во 6:34 утрото го помина врвот Шипка)

Петти ден: Агликина полјана-Ришки премин

Шести ден: Ришки премин-Емине

„Секако, главен мотиватор за иницијативата беше Кирил Николов – Дизела. Се знаеме долго време и многу ми е жал што не можев како пејсер да бидам дел од неговите трчања, или да бидам од припомош на било каков друг начин. Досега немало обид од страна на некоја жена да ја истрча Ком-Емине. Ќе се обидам да го направам тоа за помалку од 6 дена. Кога не трчам, се занимавам со оригами бидејќи тоа навистина ме смирува. Исто така читам многу, обожавам да правам десерти. Мојот 6-годишен си ги обожава“ изјави Антонија претходно, во јуни.

Екстремно жешкото време во последните денови од овој потфат го направи истиот уште потежок за Григорова, која отвори ново поглавје во историјата на оваа епска рута.

Ком-Емине за прв пат беше трасирана во 1933 година од страна на истражувачот и неуморен патник Павел Делирадев, кого го нарекуваа „наследникот на Алеко Константинов“. Фактички, Константинов е тој кој прв ја дава идејата за оваа рута, но не успева да ја измине во целост. Речиси 30 години најбрзото изминување на оваа рута го држеше Љубомир Палакарчев со време од 5 дена и 14 часа. На 11 август, 2015 година, Божидар Антонов го подобри тој рекорд со своите 5 дена, 10 часа и 10 минути. 18 дена подоцна, на 29 август, 2015 година, Кирил Николов-Дизела постави нов рекорд на Ком-Емине, истрчувајќи ја патеката за 4 дена, 13 часа, 5 минути и 30 секунди, околу 21 час подобро време од она на Божидар.

Со нормално туристичко планинарско темпо, рутата се врви за 15 дена.

Антонија е посветена на проектот KE 600 Road, со оглед на фактот дека има огромно и долго искуство во трчањето на долги патеки. Победничка е на ултрамаратонот Витоша 100, Трјавна Ултра (141 км), Персенк Ултра (157 км) и Пирин Ултра (150 км). Нејзин тренер е Наталија Величкова.