Вајгл: „Жан Моне“ е можност за пријателска дебата меѓу власта и опозицијата


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


На прес-конференција во Собранието известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Иво Вајгл, одговарајќи на новинарско прашање како ќе се реализира проектот „Жан Моне“, каде што на една маса треба да дискутираат власта и опозицијата по настаните од 27 април, Вајгл рече дека оваа прес-конференција не е место за решавање на недоразбирањата меѓу партиите, но е можност за пријателски и отворен дијалог преку кој би се решиле проблемите, пренесува Макфакс.

„27 април е болно прашање за сите. Но, сметам дека сите партии по овој настан ги научија лекциите. Само одговорен и пријателски дијалог може да доведе до решение. Не можам да гарантирам дека тие ќе се вљубат едни во други, но сепак тоа е добра можност. Преку „Жан Моне“ нема да се решава овој проблем, тој останува да се затвори овде во Собранието преку заеднички и конструктивен дијалог“, рече Вајгл.

Вајгл додаде дека проектот „Жан Моне“ не е замена за договорот од Пржино и дека тој останува онака како што е. Тој објасни дека новиот институт на Европскиот парламент, „Жан Моне“, треба да биде дијалог меѓу овој европскиот и македонскиот парламент. Средбата треба да се одржи последната недела од јануари во куќата на Жан Моне во близина на Париз, без присуство на медиуми. Таму, како што е планирано, треба да присуствува еден координатор, еден пратеник и еден член на службата од секоја партија во парламентот, а ќе се разговара на три теми: Деловникот на Собранието, етичкиот кодекс на пратениците и владеењето на правото.

„Охрабрен сум од атмосферата што можев да ја почувствувам со лидерите на политичките партии, преовладува духот на заемна соработка, почит и расположеност, а се работи во полза на земјата“, додаде Вајгл.



ВМРО-ДПМНЕ е за дијалог, но во државните институции

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска соопштија дека во секоја држава за значајни прашања се води дијалог помеѓу партиите, но во рамките на државните институциите и во моментов од партијата не ја гледаат потребата, ниту ја знаат темата за друг вид на средби.

„ВМРО-ДПМНЕ нема ништо против политички дијалог, но повторување на „Пржино“ во или надвор од Република Македонија е непотребно и неприфатливо. Ние сме за разговори со парламентарното мнозинство, но преферираме тој дијалог да биде во рамките на државните институции. За прашања како што е спорот околу името, остануваме на ставовите дефинирани во нашата програма“, наведуваат од партијата.

Се уште нема прецизни информации околу темите на кои би се разговарало во Париз, како што наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ и затоа во овој момент не би можеле априори да се произнесат. Откако ќе се детализираат работите, како што порачуваат, би излегле со конечен став во врска со евентуалните средби со партиите од мнозинството.