Уставен ќе поведе постапка за уставноста на прислушувањето кај телекомуникациските оператори


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Уставниот суд со мнозинство гласови на денешната седница одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на член 175 од Законот за електронски комуникации. Членот предвидува телекомуникациските оператори на сопствен трошок да ги обезбедат сите неопходни технички услови за да овозможат следење на комуникациите во нивните мрежи.

Со ова судиите изразиле сомнеж во уставноста на овој член од законот, но образложението ќе го донесат на наредната седница. Потоа одлуката ќе му се испрати на Собранието, кое ќе има рок од 30 дена за одговор. По истекувањето на овој рок, судијата-известител поднесува предлог и нацрт-одлука за која судот треба да се произнесе.

Дел од судиите сметаат дека прислушувањето може да се спроведува само со судска наредба, додека други сметаат дека членот 175 дава само технички насоки, додека постапката во кои случаи може да се прислушува е уредена во други закони, како законот за следење на комуникациите.

Иницијативата за уставноста на овој член беше поднесена во 2015 година, откако СДСМ почна да ги објавува прислушуваните материјали, но судот дури сега одлучи да поведе постапка.

Членот 175 беше воведен со измените на Законот за електронски комуникации од почетокот на 2014 година. Две години претходно, односно во септември 2012 година, беа донесени измени на Законот за следење на комуникациите, со кои беше избришан членот 2 од Законот, кој предвидуваше дека никој не смее без наредба на надлежен суд да врши следење на комуникациите, освен ако му се наменети или постои согласност на лицето или лицата кои се вклучени во комуникацијата.