Уништување на ретровизори е нова дисциплина на македонските хулигани


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Уредно го оставате автомобилот на обележано паркинг-место, одите да завршите некоја работа, а потоа се враќате кај возилото и сфаќате дека некој ви ги искршил ретровизорите, бришачите, стаклата или, во најлош случај, ги украл тркалата и бандажите.

Последното сериско хулиганство врз автомобили било извршено во скопската населба Мичурин, каде што десетици автомобили останале без своите ретровизори.

Не помина ниту еден месец откако го купивме новиот автомобил. Утрото на излегување за на работа видовме дека го нема едниот ретровизор. Најпрво помисливме дека е украден, но веднаш потоа го забележавме фрлен во снегот до возилото.

Подоцна од соседите разбравме дека на повеќе автомобили во населбата им биле искршени ретровизорите и фрлени покрај возилата. Очигледно е дека не станува збор за кражби, туку за хулиганство. Не знам дали е пријавено во полиција, ние не пријавивме, зашто знаеме дека нема ништо да добиеме, а само ќе потрошиме време и нерви. Пред три години истото тоа се случи низ целата населба, кога на 31 декември беа искршени стаклата на сите автомобили. Тогаш беше пријавено, мислам дека и фатија некои хулигани, но тоа не ни ја покри штетата, објаснува Божидар Димовски, жител на населбата Мичурин.

За слични ситуации граѓаните се жалат и на социјалните мрежи. Помеѓу она што може да се види таму, изминативе денови имало и случаи на крадење, односно откорнување на бришачите. Од споделените фотографии и коментарите, се забележува дека имало случај во кој бришачите не биле уредно украдени, туку буквално искорнати. Претходно, велат, пронаоѓале и скршен ретровизор. Во текот на минатиот месец, во сајбер просторот граѓаните се жалеа и ги предупредуваа другите возачи и за кражби на тркала и бандажи. Крадците ги оставале автомобилите без ниту една гума, оставајќи ги потпрени на трупци.

Моето работно место се наоѓа во ТЦ Лептокарија, па затоа морам секогаш да го паркирам автомобилот на улицата, која веќе е позната по исчезнувањето на тркала. Крадците најчесто оперираат ноќно време, но се случувало и среде бел ден да исчезне некој скап дел од возилата – вели Војче Стојанов од Скопје.

Како што откриваат статистиките, кражбите на тркала најчесто се случуваат врз поновите автомобили што се украсени со скапи бандажи.

Според информации од осигурителните компании, околу педесет отсто од украдените возила биле незаклучени, а надлежните дополнително апелираат да не се оставаат вредни работи во возилата, оти, според нивните кажувања, тоа само ќе биде дополнителен стимул за крадците да искршат некое автомобилско стакло за да го земат предметот. На глобално ниво, во базата со податоци на Интерпол во моментов има регистрирано повеќе од 6,8 милиони случаи за украдени возила од 128 земји. Според нивните кажувања, 162 држави редовно ја користат нивната база на податоци, така што лани имале 117 милиони пребарувања. Во 132 илјади случаи од нив украдените автомобили биле лоцирани.

Извор: Нова Македонија