Убавините на Мкд.

Трескавец – спој на земската музика и небесната тишина


Мало парче од убавините и мирот на земскиот духовен рај наречен Трескавец.

Патувањето е иницијација до двојно издигнување на целокупното човечко битие и опстојба. Облагородува со нова физичка мудрост на телото кое одново ја осознава својата виталност, издржливост и енергија. Духовно издигнува и наведува на понирачко преиспитување за доаѓање до една повисока состојба на самосвест за исконската длабочина и суштина на вистинското Постоење.

Спојот на дивоста од природата и незаситната потреба на немирниот човечки дух за нејзино повторно доживување и впивање, едноставно речено, раѓаат нов, поубав и посреќен човек. И тоа е повеќе од доволна причина за да се впуштите во еден таков танц на дивоста и немирот после кој, на крајот, барем ќе имате поспокојна мисла и збогатено око. Сето друго се случува во дверите на човечкиот дух и таму ќе остане, затоа што таа моќ на автентичното искуство зборот го наоѓа претесен за својата чистота, интензитет и широчина.

Тоа беше доволна причина поради која, по којзнае кој пат, а сепак, како за прв пат да го правиме тоа, се упативме кон она што веќе за двајца од нас е втор телесен дом и прв дом на мислата и духот – манастирот Трескавец.

Зеленик

Патувањето дотаму вистински започнува кога за среќен пат и убаво доживување на планината ве поздравуваат Зеленик од десната и Маркови Кули од левата страна, а вие стоите на преслапот кој ги разделува овие два рида кои претставуваат своевидна природна порта низ која треба да минете за да го започнете патешественото искуство до Трескавец.

Маркови Кули

Вечното ветре кое е присутно на преслапот од кој се отвора првиот и можеби најимпресивен поглед на речиси целиот планински масив кон кој се упатуваме го лади и освежува телото од кратката но напорна угорнина која води до него.

Златоврв со Трескавец во далечината…натаму одиме

Со поглед се поздравуваме од Зеленик и Маркови Кули, себично му го вртиме грбот на Прилеп кој останува целосно зад нас и се упатуваме кон митското место исполенто со легенди, приказни и необичности кои шепотат буквално од секој камен, секоја карпа, секоја дупка и издигнатина.

Камената кокошка

Одлично маркираната планинска патека која на почетокот рамномерно се издолжува по стрмната северозападна падина на Зеленик, за потоа да започне ублажено, но постојано нагорно издигнување кое завршува пред манастирските порти, со својата змиулеста елеганција минува покрај бројните карпи со импресивни природни форми кои симболично потсетуваат на примероци од нивните собраќа-претставници на флората и фауната.

Карпата Наковална

На местото кадешто северната страна од Зеленик се спушта во не така благ пад и преминува во преслап кој ридот го спојува со остатокот од планинскиот масив Злато се наоѓа импресивниот спој на неколку масивни карпи наречен Наковална.

Поглед на месноста Наковална

Со оглед на фактот дека зад вас е останата една четвртина од патот, а пред вас започнува постепеното нагорно извивање на патеката, Наковална е одлично место за мал одмор во кој ќе ви се успокои дишењето и ќе се освежите пред да продолжите со пешачењето.

Едно од поимпресивните места кои ќе ги сретнете по патот за Трескавец е месноста Дупен камен. Пространа шарена ливада која лежи под зацрвенетите карпи на планинскиот масив кои се издигаат, местото името го има добиено по каменот кој се наоѓа на долниот дел од терасата и има природен отвор во форма на тркалезна дупка која гледа кон југозапад и доколку застанете од задната страна на карпата, истиот претставува своевиден прозорец со импресивен поглед на Пелагонија и дел од планинските масиви кои ја ограничуваат.

Дупен камен

Според пресметките и рачниот премер на патот од страна на една група планинари – ентузијасти и верни пријатели на манастирот Трескавец (Драшко, Васко, Блаже, Мице и останатата компанија – поздрав; кој и да го посети Трескавец во недела ќе се запознае со овие големи луѓе, таму се секој викенд, безусловно) Дупен камен е на половина пат од Прилеп до манастирот. Веднаш од Дупен камен, патеката низ густите лески се спушта до првите два извори на природна вода кои ќе ве освежат и ќе ви го закрепнат измореното тело со својата ладна и бистра течност.

Спилата

По искачувањето на релативно стрмната масивна плочеста карпа попопуларно наречена Спилата која е обезбедена со сајла од страна на гореспоменатите планинари, на рамна површина од неколку хектари се простира месноста Црквиште.

Остатоците на карпата кај Црквиште

Името потекнува од остатоците на стара градба кои се наоѓаат на врвот од една карпа што се издига на почетокот од рамницата (според некои тврдења и запишани сведоштва кои ги чува Трескавец, остатоци од црква која била во служба и под покровителство на манастирот).

Црквиште

Поглед на месноста Црквиште

Според едно народно предание, првичното место на кое се градел манастирот кој денес се вика Трескавец било оваа пространа ледина. Но, некаква сила навечер го уривала изграденото и алатите ги преместувала на местото каде што денес опстојува Трескавец.

Изворот на Црквиште

На Црквиште се наоѓа и еден од најубавите природни кладенци кои ќе ги сретнете патем, со убаво уредено корито и ѕидна закрила, сместена во дебелата сенка на густежот од лески и други ниски дрва кои виреат тука.

Панорама од Црквиште

Од Црквиште се простира и еден од најубавите панорамски погледи на прилепскиот крај и раскошната Пелагонија.

Поминувајќи ја живописната широчина на Црквиште, минувајќи низ лавиринт од камени џинови и природни зелени тунели формирани од гранките на леските чии лисја ви ги галат испотените глави, а сенката ве освежува и ви дава енергија за продолжување на пешачењето, се доаѓа до големата ширина која се наоѓа под карпите кои будно стражарат пред Трескавец, чувана од двата древно стари дрвени чувари чии корења веќе почнале да ја креваат земјата и да избиваат надвор од неа.

Дрвените чувари пред ледината

На неа ќе ве пречека ’шаманската’ карпа која под себе го чува правилно оформениот круг од камења кој на центарот има плоснат камен со централна дупка која веројатно во периодот на античките населби на ова место претставувал светилиште на кое се принесувале жртви на боговите.

Ливадата со ’шаманската’ карпа

Таква е и приказната која во своите темели ја крие манастирот Трескавец – античка, митска и преполна со сè уште неоткриени и неразјаснети мистерии, легенди, приказни, камени артефакти, арехолошки материјални сведоштва и наоди. Веројатно и една обемна студија не би била доволна за да се раскаже целокупната приказна на манастирот, како од научно-истражувачки, така и од културно-историски, митолошко-фолклорен и општествено-социјален аспект.

Трескавец

Изграден на местото каде што има остатоци од антички, пагански храм за кој има силни докази кои сè повеќе го зацврстуваат тврдењето дека бил посветен на античките богови од хеленскиот пагански пантеон, Аполон Громобиецот и Артемида Ефеска, Трескавец со векови претставувал комплекс кој кога ќе го посетите ќе сфатите зошто претставува место каде што се спојуваат земската музика и небесната тишина. Од него извира митска енергија која, секогаш кога ќе го посетите, одново и одново ви ги препородува духот, ви го освежува срцето и успокојува мислите.

Панорама од Трескавец

Ќе ве пречека ведриот и гостопримлив монах Калист, кој со широката насмевка, благородната душа и духовната добрина ќе ви го приближи местото и ќе направи да се чувствувате добредојдено. Повеќе од шест години Трескавец е негово духовно упориште и постојан дом. Посветено и со огромна преданост на духовноста и верата го одржува и развива овој спокоен манастирски комплекс. Бавчата пред манастирските порти, чиј род, во духот на доброволието и природните закони, го дели со подземните жители (читајте со слепо куче кое безгрижно го јаде половина од градинарскиот род на Калист), монахот прави вистински баланс помеѓу духовниот мир и интензитетот на физичката работа и активност која ја бара целокупното одржување на местото.

Поглед на манастирскиот комплекс од високите карпи

Од северната страна под родителската закрила на вистинскиот axis mundi, врвот Златоврв, а на јужната страна под горда стража на верниот камен чувар, карпата Лав, Трескавец погледот ќе ви го нахрани со виножитното шаренило кое со различен интензитет се манифестира прошарано по севрна Пелагонија, како и на панорамите кои се подаваат – Јакупица со врвот Солунска глава на северо-запад, китното Крушево со убавата Бушова Планина на запад, џинот Пелистер кој го пара јужното небо, Дрен Планина како дел од масивот Селечка на исток и масивот Бабуна со гордиот Козјак на северо-исток.

Лавот и Желката – верни чувари на манастирот

Панорама на северна Пелагонија

Трескавец и Златоврв

На стотина метри под Златоврв, на северната страна од врвот се наоѓа и испосничката пештера во која живеел и починал еден посветен монах кој тука го нашол балансот помеѓу својата вера која ја чувал во себе и природата која ја чувствувал како природен дом.

Испосничката пештера

За жал, човечката несмасност во обид да ја обележи и на некој начин заштити оваа испосница, на невкусен начин го заѕидала поголемиот дел од нејзиниот влез и засекогаш го нагрдила ова духовно место кое плени со својот мир и импресивен поглед.

Златоврв и зајдисонце на Златоврв

Залезот на сонцето доживеан на Златоврв нуди неповторливо и неопишливо искуство и уживање, во срцето ќе ви создаде мал рај кој ќе ве копка постојано да се навраќате на ова прекрасно место кое дише во ритамот на природата и живее со посетите на патниците кои тука идат да скршнат парче мир од спокојот кој го дава и со кој зрачи Трескавец.

Зајдисонце од Трескавец

Месечина над манастирот

Иако ова е еден сосема незначаен и мал пресек на обилните убавини кои ги нуди патешествието наречено Трескавец, обидот да ви го приближиме овој прекрасен и живописен мал духовен земски рај се надеваме дека ќе ве привлече да го посетите и да уживате во неговата уникатна волшебност.

Околината на манастирот изобилува со мајчина душичка

Од Трескавец изминатиот викенд си заминавме како духовно побогати луѓе, со подобри мисли, облагородени од убавина и со стоплени срца. Екипата топло ви го препорачува ова планинарско искуство кое ќе ве збогати и исполни со импресии.

Екипата пред Трескавец

Текст и фото: Александар Војнески



Click to comment

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!

Copyright © 2017 Лав Медиа Груп

To Top