Актуелно

Телефонски разговор меѓу Заев и Вучиќ: Пет договорени точки преку кои Скопје и Белград остануваат пријатели


Дипломатскиот конфликт меѓу Белград и Скопје како да стивнува. Денешното смирување на тонот, по неколкудневните остри изјави пред се од Србија, доаѓа по телефонскиот разговор меѓу Зоран Заев и Александар Вучиќ. Македонскиот премиер и српскиот претседател зборувале долго и, како што се наведува во заедничкото соопштение, отворено за ситуацијата која кулминираше со повлекувањето на персоналот од српската амбасада во Скопје. Двајцата се согласиле за неколку точки, клучни за односите меѓу Македонија и Србија.

Првата е дека двете земји сите евентуални недоразбирања ќе ги решаваат низ дијалог. Втората точка е дека и покрај различните политички ставови за одредени регионални прашања, Македонија и Србија заедно ќе работат за сочувување и за унапредување на пријателските релации. Третата позиција е зајакнување на економската соработка и трговкста размена. „Република Македонија и Република Србија, во согласност со меѓународното јавно право, и на добра волја и пријателска основа ќе ги заштитат интересите и правата на дипломатските и конзуларните претставништва на сопствената територија“, е четвртата точка што денеска ја усогласиле Заев и Вучиќ. Во заедничкото соопштение освен што се забележува присуство на помирлив тон, се забележува и отсуство на директно споменување на обвинувањата од Србија дека нејзините дипломати биле под разузнавачки надзор во Скопје. Македонската влада, пак денеска повтори дека во такво нешто не учествувала и дека сака затворање, а не отворање на прашања сос соседите.

„Македонија се наоѓа во историски момент на позитивна клима и внатрешно и во регионот за кој имаме историска одговорност како политичари да ја зграбиме и да направиме исчекор кон евроинтеграциите. Не смееме да си дозволиме и ќе биде историска грешка кој било во овој момент да отвора нови прашања со соседите“, изјави вицепремиерот за евроинтеграции, Бујар Османи.

Српската амбасада веќе неколку дена е празна откако персоналот беше повлечен во Белград заради, како што тврдеа српските власти, „офанзивни разузнавачки активности“ во кои бил вклучен и странски фактор. Силните тонови на Белград од изминатиот период денеска се заменети со дипломатски речник во заедничкото соопштение кое се смета за прв чекор кон целосно нормализирање на односите меѓу двете земји.

Извор: Гласот на Америка на македонски јазик

Коментари

Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!


Учество во игри на среќа е дозволено за лица со 18+ години. Играј одговорно!

To Top