Актуелно

Судењето на Грујевски и Бошкоски во солунскиот суд одложено за први декември


Судењето на поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, по кои македонските власти имаат распишано меѓународни потерници, што требаше да се одржи вчера во судот во Солун, е одложено за 1 декември, поради тоа што не е обезбеден преведувач, дознава МИА од Солун.

Грујевски и Бошковски минатиот петок беа изведени пред Судот во Солун поради поседување лажни патни исправи, но судењето беше одложено за денеска поради немање преведувач од грчки на македонски јазик.

Грујевски и Бошкоски се обвинети од Специјалното јавно обвинителство за нелегално прислушување и за уништување на системите за прислушување, случаи познати како „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“.

Двајцата беа уапсени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18 октомври, при обид со лажни бугарски пасоши да заминат со авион за Будимпешта.

Претходно грчки медиуми јавија дека Грујевски и Бошкоски може да бидат екстрадирани кон крајот на ноември или во првите недели на декември годинава, а дотогаш ќе бидат во притвор во Грција.

Постапката од македонска страна ќе ја води Министерството за правда, кое од МВР го има добиено известувањето од Интерпол-Атина за Бошкоски и Грујевски, кои се бараа со меѓународна потерница. Министерството за правда минатата недела соопшти дека доставило барање до надлежниот суд во Скопје за подготовка на целокупната документација за нивна екстрадиција, откако е добиено официјално писмо од Централни полициски служби на МВР.

Премиерот Зоран Заев, СЈО и Министерството за внатрешни работи изјавија дека не очекуваат да биде попречена екстрадицијата на Грујевски и Бошкоски од Грција во Македонија.

Скандалот со прислушувањето во Македонија почна во 2015 година и предизвика политичка криза во земјата.


loading...
Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!


Учество во игри на среќа е дозволено за лица со 18+ години. Играј одговорно!

To Top