Што се вадеше во црни ќеси и картонски кутии од општина Карпош вчера?


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Промотивен материјал, документи или лични работи. Што се вадеше од општина Карпош вчера.

Полни спакувани црни ќеси и картонски кутии од рано утринава беа изнесувани од бараките на општина Карпош. Телевизија 24 беше пред општината, каде ќесите и кутиите се пакуваа во комбе паркирано пред бараката. Поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски беше во општината, но не сакаше да даде изјава. Тој негираше дека се вадат документи од општинската зграда.

Неколку минути откако тој заминал од општината, изнесувањето продолжи, за по половина час, Јакимовски повторно да се врати во општината. Откако видел дека екипата на ТВ24 уште е таму, екс градоначалникот нареди сите картонски кутии кои беа внесени во комбето да се вратат назад во општината.

Извори на Телевизија 24 од општината велат дека Стевчо Јакимовски побарал од вработените да се запре изнесувањето додека не си замине телевизиската екипа.

Неговите поблиски соработници на останатите вработени им тврделе дека во вреќите и кутиите има промотивен материјал за Јакимовски и ГРОМ од локалните избори. Ако е тоа точно, пак, прашање е зошто пропаганден материјал за кандидат за градоначалник се нашол во општинските простории.

Реагираше и министерството за внатрешни работи, по допрен глас, дека од просториите се изнесува документација, но во моментот кога тие излегле на терен немало ништо. Јакимовски на полицијата и објаснил дека станува збор за изнесување на лични работи.

Самиот Јакимовски вели дека е чудно што полицијата веднаш изреагирала во општината, а се уште ги нема доведено на распит неговите напаѓачи. Според него, во општината се собирале сите пехари, пијалок, благодарници и негови документи.

„Сите документи и она што е битно за локалната самоуправа се наоѓа во архивата. Општината има електронска архива. Непотребните работи ќе бидат сместени во контејнери и може слободно да пребаруваат“, изјави Јакимовски.

Јакимовски со неговата изјава само ја потврди информацијата, дека од вчера утро со поблиските соработници од општинските простории изнесувале документи, а не како што им тврделе на соработниците, пропаганден материјал.