Актуелно

ШТО Е ТОА „СЛАВА“ и со која цел истата се практикува во верската традиција на Црквата?


За црковниот обичај наречен „Слава“ или за денот во кој си спомнуваме за некој свет угодник Божји или за некој настан од спасителната историја на светот.

1. Во верската пракса на Православната Црква уште од древност постои обичај во одреден ден од годината да се празнува спомен денот на некој Божји угодник или да се празнува настан поврзан со промислата Божја за спасението на светот и човештвото од злото, гревот, духовната и телесната смрт и сатанското ропство. Оваа пракса има свој корен од периодот на Стариот Завет, од периодот пред Христовото доаѓање во овој свет. Бог му заповеда на својот старозаветен еврејски народ да си спомнува за сите Негови пројави и делувања преку кои Тој учествувал во животот на овој народ, а се со цел идните генерации да бидат ОСВЕДОЧЕНИ со промислата Божја, односно, со сето она што Тој го прави за спасението на светот и за благословеното живеење, како на секој човек, така и за целото човештво.

Пророкот Мојсеј, во својата втора книга од петокнижието (Тора), а по повод празнувањето на Пасха (излегувањето од египетското ропство), ќе ги напише следните зборови:
„И тој ден ќе ви биде ден на сеќавање и празнувајте го тој празник, посветен на Господа, празнувајте го од колено на колено“. (2. Мојсеева. 12. 14)

2. По исполнувањето на пророштвата од Стариот Завет за доаѓањето на Месијата/ Христос/ Спасител во личноста на Исус Христос, односно, по Неговото спасително и откупително страдање на крстот, воскресение од мртвите, вознесението кај Небесниот Отец и испраќањето на Светиот Дух, членовите на Новозаветниот народ – Црквата – започнуваат да си СПОМНУВААТ за сето она што Тој го направи за спасението на целото човештво.

Апостолот Павле, во своето послание до Евреите, ги потсетува учениците Христови/ христијаните и на следното:
„Помнете ги и вашите учители, што ви го проповедаа словото Божјо и, имајќи го пред очи исходот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна. Исус Христос е ист вчера, и денес, и во вечни векови.“ (до Евреите. 13, 7 – 8).
Сета оваа потреба да си СПОМНУВАМЕ доаѓа од таму што човекот е битие кое заборава, а особено од големо значење е да – не се заборави – сето она што Бог – Отецот и Синот и Светиот Дух – го направи, прави и ќе го прави за нас, но и да не се заборават и оние угодници и светии преку кои Тој ја пројавуваше својата спасителна промисла и вистина.

Спомнувањето претставува сознание за вистинскиот корен, за вистинскиот духовен пат, за вистинската спасоносна и од Бога откриена вера. Верникот кој си спомнува за Вистината – таква, каква што таа е – не може да биде измамен од разни лажни учители и манипулатори – од секаков вид и тип.

Во овој контекст – „Славата“ – е всушност ден во кој, освен сецрковно (како Литургиска заедница) и семејно – како христијанско православно семејство – принесуваме СЛАВА и БЛАГОДАРНОСТ на Бога и си СПОМНУВАМЕ со почит на некој светител Божји или настан од спасителната историја на човештвото.


3. Подготовката за Славата треба да се развива во следните фази:

– Две седмици пред Славата се препорачува семејството да има средба со својот парохиски свештеник/ духовник на која ќе се разговара за духовната состојба на семејството и на членовите пооделно. Според насоката и подготовката, благословена од духовникот, семејството на денот на славата ТРЕБА ДА УЧЕСТВУВА НА ЛИТУРГИЈАТА и да се причести со Крвта и Телото Христови – за со тоа да се засведочи и благослови нивната Слава принесена на Бога и во чест на некој светител. Се разбира дека семејството, односно, неговите членови, не треба за причест за го чекаат само овој ден, туку, со благослов и водство од својот духовник, треба почесто да го засведочуваат своето духовно единство со Христос причестувајќи се со Неговото Тело и Крв на Литургијата.

– Пред денот или на денот на Славата семејството му принесува на Бога благодарност преку основните продукти за живот во вид на:
1. празничен/ славски леб;
2. блага (варена) пченица;
3. вино;
4. и славска свеќа.

Приносот во името на семејството го благословува и принесува, или во нивниот дом или во храмот, парохискиот свештеник.

По приносот тој му упатува на Бога молитва за дар на покајание, за чекорење по Патот на спасението, за душевно и телесно здравје на целото семејство, спомнувајќи ги нивните имиња.

Трпезата на љубовта (агапи) – вечерата или ручекот – доколку се во можност домаќините треба да ја принесат во дух на благодарност за сите дарови и радости што Бог им ги благословил, а истата треба да помине во рамките на христијанското однесување, без претерување во храна и пиење и без други недолични паганоподобни нешта.

4. Еве го и накратко толкувањето на симболиката на она што се принесува како славски принос.
– Празничниот/ славскиот леб го симболизира нашиот Спасител, Господ и единствен Учител Исус Христос. Тој за себе вели:
„Јас сум ЛЕБОТ на ЖИВОТОТ, кој доаѓа кај Мене нема да огладни и кој верува во Мене, нема никогаш да ожедни.“ (Јован. 6, 32 – 59)

Како што овоземниот леб не одржува телесно во живот, така – ХРИСТОС – со своето доаѓање во овој свет ни се нуди да биде наша духовна храна, небесен Леб, кој ни дарува вечно постоење. И како што во себе, преку јадење, го примаме овоземниот леб, така треба во себе да ја примаме вистината од Лебот Небесен, од Христос, за со таа вистина да го осмислиме своето постоење и во овој свет и во вечноста.

– Виното е симбол на Христовата крв пролеана на крстот за наше искупување и оправдување, но и за победа над злото и злоизворникот – сатаната. Сето ова симболично е изразено преку тоа што парохискиот свештеник го врти (симбол на Христовото смирение и претрпено понижување) празничниот леб, го сече крстовидно од долната страна и во крстот налева вино.

– Свеќата е симбол на Божјата светлина и вистина (2.Mojсеева. 25, 31 – 39). Таа ни симболизира и не потсетува дека во овој од Бога отпаднат, а со злото и лагата затруен свет, без Божјата ВИСТИНА запишана во Светите книги на Стариот и Новиот Завет (Свето Писмо/ Библија) и без откупителната и спасителна мисија на Месијата – овој свет би бил едно темно, студено, тажно и бесмислено просторче во универзумот. Има една пракса, која не е обврзувачка, но која е интересна во тоа што Свеќата во домот ја пали домаќинката (во нејзино отсаство – домаќинот). Симболиката, што домаќинката ја пали свеќата, се состои во тоа што Христос – Светлината на светот – совечниот Син/ Слово Божјо – во овој свет дојде преку жена, односно, ја прими својата човечка природа преку пречистата девојка Марија – Богородица.

– Благата (варена) пченица е симбол на оживувањето/ подигнувањето/ пресоздавањето/ воскресението на мртвите тела на сите оние што ќе починат до времето/ денот на Второто Христово доаѓање во овој свет – но тогаш како Судија на живите и мртвите (Матеј. 25, 31 – 46; 1. Кор. 15, 1 – 58). Христос вели:
„Вистина, вистина ви велам: ако зрното пченично, што е во земјата, ако не умре, останува само, а ако умре – ќе донесе голем плод. “(Јован. 12. 24)

Затоа и пченицата се користи во славскиот принос – како симбол на ова наше очекување, на оваа наша надеж – како победа над смртта и наследување на вечниот живот во Царството Божјо.

Браќа и сестри, празнувањето на Славата е само еден од формалните обичаи во Црквата Христова. Убаво е да се практикува, како спомен, но крајно е опасно за нашето спасение ако сета наша христијанска вера и духовност останат само на тоа. Таа нека ни биде почеток кон нашето зачекорување по Патот на спасението, очистувањето и духовното усовршување.

ваш во Христа, брат и слуга
презвитер Ивица Тодоров

Извор


loading...
Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!


Учество во игри на среќа е дозволено за лица со 18+ години. Играј одговорно!

To Top