Екстра

Село Крапа – планински рај со една од најпознатите реки понорници во Македонија


Искусувањето на природните убавини во нашата мала, но природно богата Македонија е единствено, неповторливо и секогаш ново искуство. Комбинацијата од природното ’свето’ тројство на гордо извишена планина која облагородува со остриот и чист планински воздух, природно зеленило на шумските предели и планинските падини кое со својата живописност (спој на десетици и стотици разновидни претставници на растителниот свет) создава виножито во очите на секој посетител и бистрата, ладна планинска вода се неретки својства на природниот амбиент во нашата земја кои ги разбудуваат и интензивираат сите човечки сетила.

Го разбиструваат физичкиот и духовниот поглед на човекот, го закрепнуваат од монотонијата и потиштувачкиот амбиент на едноличната урбана средина во која секојдневно опстојува и даваат нова перцепција на односот човек-природа која одново и одново предупредува, упатува и поучува дека природната средина е нашето примордијално и фундаментално опкружување кое со текот на времето сме се обиделе да ја подредиме, контролираме и покориме, наместо да се научиме на соживот со истата и неконтаминирачки да ги користиме благодетите кои таа безрезервно ни ги нуди.

Едно од таквите оригинални искуства е доживувањето кое недвосмислено ќе ви го понуди и штедро ќе го сподели со вас едно од најубавите села во Македонија, селото Крапа.


Знакот за добредојде во Крапа

Седум километри северно од асфалтот на превојот Барбарас на неговата највисока точка, тесен, но добро одржан асфалтен пат кој се извива низ едната страна на превојниот предел, за потоа да се спушти низ Крапско поле, ќе ве одведе до убавото Крапа.


Мал природен рај во кој во едно се спојуваат и секојдневно одново се доживуваат трите гореспоменати природни фактори кои се гаранција за несекојдневна убавина.

Мотиви од Крапа
Дел од интензивното зеленило на Крапско поле

Со територијална припадност на општината Македонски Брод, Крапа е сместено во буен, живописен и мирен планински предел, во пазувите помеѓу двата планински крака од масивот Даутица, во средишниот дел на Македонија. Контитенталната клима, студените зими и релативно умерените лета се главните климатски карактеристики.

Мал дел од претставниците на флората која вирее на Даутица

Спојот од раскошната вегетација која изобилува со многу лековите, украсни и за око убави билки, цвеќиња и други растенија, бистрата водена приказна која без повторување и секогаш однова ја раскажува Крапска Река како и големиот број мистерии и подземни тајни кои ги крие и чува Даутица, сè уште недопрени и невидени од човекот, го прават овој предел вистински мал зелен рај на Земјата.

Живописното зеленило на Крапа

Чистотата на овој предел наоѓа потврда во едно изворедно откритие со претпоставка за постоење на риби 180 метри под земја. Научниците велат дека Даутица во себе крие вистинско чудо со изворедни услови за живот. Спектакуларен пештерски комплекс од исклучително важно научно и археолошко значење е откриен во реонот на поречкото село Крапа. Станува збор за грандиозно пештерско здание за кое спелеолозите претпоставуваат дека е долго 12 километри.

Една од ретките снимки на кои се наидува од внатрешноста на пештерата

Пештерата е откриена на падините на планината Даутица, по текот на Крапска река, на надморска висина од 1.100 метри. Пронајдена е од страна на комбиниран тим од македонски и француски спелеолози кои досега успеале да пробијат повеќе од еден километар низ подземните пештерски ходници кои изобилуваат со непроценливи вредности на жив подземен свет и специфични украси. Претпоставките се дека оваа Крапска пештера преку пештерски систем во должина од повеќе од 10 километри е поврзана со познатата пештера Пешна. Поради неистраженоста на истата, фотографиите од нејзината уникатна внатрешност се ретки и речиси недостапни. Она што овде ви го пренесуваме како фото материјал е снимено од страна на спелеолошките истражувачки тимови, со отворена достапност на интернет.

Понорот на Крапска Река

Пештерската чудесна комплексност на овој предел е надополнета со еден топос кој, за разлика од досега споменатите неистражени природни подземни артефакти, е апсолутно достапен за сечиј поглед. Тоа е понорниот релативно мал пештерски отвор кој се наоѓа под селото Крапа, на влезот во Крапско поле, а во кој понира Крапска Река, со што таа, истовремено е и една од реките понорници, која понира токму на ова место без силни докази за местото на нејзино повторно да избивање на површина.

Полжавчето и дождалецот – постојани жители на шумите од Даутица

Иако за Крапска Река како понорница се поврзуваат две тези – едната ја споменавме, нејзиното понирање во пештерскиот понор под селото по што официјално не и се наоѓа трагата каде повторно излегува, а втората е дека таа повторно избива на површина токму во споменатата пештера Пешна и продолжува да тече како река која извира од пештерата. Сепак, недостатокот на истражувачки и материјални докази и факти дали и каде Крапска Река извира (веројатност дека извира е голема, и дали таа евентуално повторно ги плиснува своите бистри води низ грлото на Пешна, не го нарушуваат фактот таа да биде сметана за најпознатата понорна река во нашата земјата (со можен евентуален таков статус и на Патишка Река која, исто така, има извесни понори низ течението).

Спокоен тек на Крапска река веднаш над селото

Изворите на оваа река се наоѓаат на високите падини на импресивниот двокрак планински масив Даутица, чии рбетни ограноци гордо и грижливо се надвиснуваат над селото Крапа, давајќи му на секој еден посетител неповторливо искуство на релативно доцно изгрејсонце (кое дури и во лето е евидентно) и релативно рано зајдисонце. На тој начин, со помош на тие неколку клучни природни фактори (големата надморска висина, бујната вегетација, изобилството на вода, закрилата во пазувите на планински масив) селото Крапа ја добива пријатната умерена клима.

Поглед на густо обраснатата долина по текот на реката која се спушта помеѓу двата краци на Даутица
Уште еден мотив од зеленилот со кое дише Крапа

Крапска река тече по средината на падините на Даутица, со течението спојувајќи ги во нивното подножје двата споменати краци на масивот кои со своите највисоки врвови, Бел камен (2.074 м.н.в.) на левата страна и Рендова ливада (со 2.058 м.н.в.) на десната страна нудат единствен раскошен панорамски поглед кон Поречието на запад и северо-запад, и кон Пелагонија на исток и југо-исток.

Малку подиви брзаци во погорниот тек на реката
Поглед кон врвот Рендова ливада од Бел камен

Убавиот поглед кој се нуди од Даутица ве остава без зборови. Глетката е неверојатна. Нејзините падини со раскошен тепих од папрати, трева, цвеќиња, ниски зимзелени дрвја и други растенија искуството да се шета и одмора по нив го прават незаборавно.

Дел од падините на Даутица
Фасцинантен поглед во далечина од врвот Бел камен

Течението на Крапска Река низ засекот на Даутица е бујно обраснато со букова шума во горниот тек и повеќе видови на листопадни дрвја кои долниот тек на реката го поврзуваат со влезот во селото и текот низ Крапско поле.

Буковата шума по течението на Крапска река и печуркаситот жител на истата

Низ самиот свој тек кој рамномерно, без поголеми стрмнини и водопади се спушта од планината кон Крапа, реката неколку пати (оваа сезона 4 до 5 пати) понира и повторно извира продолжувајќи го својот тек – феномен кој директно зависи од обилноста или скудноста на врнежите на снег и дожд во зимскиот и пролетниот период што ја прават годината да биде богата или сиромашна со вода. Оваа година, за жал, Крапска Река со својот тек не допира до својот конечен понор, туку поради недостатокот на вода, се губи нешто погоре, низ мирниот и рамен тек на речното корито.

Сувиот понор на Крапска Река – фотографија стара неколку недели

Една случка која со својата импресивна и досега неповторлива приказна допира митски димензии, а потекнува од секојдневната реалноста на блиското минато на Крапа, Крапска Река и Крапско поле (попрецизно, 20 мај, 1989 година) како жив спомен опстојува во меморијата на голем дел од жителите на Крапа, но и кај населението од Македонија, воопшто, и потсетува за дотогаш невидениот и оттогаш неповторен потоп (во буквална смисла на зборот) на целиот крапски преде. Обилен дожд од катаклизмични размери кој без престан врнел цела ноќ го погодил овој питорескен крај и во сеќавањето на малото и убаво место оставил трајни неубави спомени и искуство кои засекогаш останале да се паметат, дури и кога лузните од елементарната природна непогода зараснале.

Мотив од Крапско поле

Поројниот дожд придонесол Крапска Река да надојде до екстремни граници. Нејзиниот обилен тек кој со себе однел сè што му застанало на патот, го затнал својот понорен отвор и реката се излеала низ целото Крапско поле. Двојниот ударен наплив на вода и од земјата и од небото во целост го поплавил Крапско поле, а под вода завршиле и дел од куќите на самото село. Моќната водена маса го пробила и уништила дел од патот за Македонски Брод над селото Дебреште при што бил однесен и еден човечки живот. Селаните во своите сведоштва не паметат друг ваков разорен настан, а приказните и живите сведочења остануваат да потсетуваат за истиот.

Мали брзаци на Крапска Река

Крапско поле од сите страни е заградено со планински венец, а понорниот влез на Крапска Река е единственото место во полето низ кое истекуваат сите води. Полето ги има сите предуслови за да биде исполнето со вода и да се претвори во езеро, но поради геолошките предиспозиции на местото и теренот (карстен релјеф чии карактеристики се пештерите и понорниците), не е претворено во езерски базен.

Грдите спомени на ова место се ретки и остануваат само како неодминлив дел од минатото на оваа природна убавина во која на мирен и спокоен начин човекот ја пронашол релативната формула за соживот со истата.

Местото каде што оваа година предвреме се губи текот на Крапска Река пред да дојде до понорниот пештерски отвор

Свежата клима, слатката и ладна вода, убавите падини, зелените пејзажи со кои изобилува овој предел и ведриот дух на селото ќе ве импресионираат и со неповторливото искуство и непосредната интеракција со убавината која ја нуди, немо ќе ве повикаат на повторно враќање и сликовито ќе ви посакаат довидување до следната средба.

Идиличното зеленило и сенките со делбела ладовина ве мамат повторно да се вратите во Крапа

Текст и фото: Александар Војнески


loading...
Click to comment

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!


Учество во игри на среќа е дозволено за лица со 18+ години. Играј одговорно!

To Top