Седуммина македонски писатели ќе бидат промовирани на Саемот на книга во Лајпциг


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


На Саемот на книга во Лајпциг, кој ќе трае до 26 март, во организација на издавачката куќа Готен, во партнерство со европската мрежа за литература и книги Традуки, ќе биде претставен каталогот „Свежа крв“ што за оваа пригода беше специјално подготвен од Издавачката куќа Готен, во која со кратки одломки, биографски податоци и рецезентски белешки, на германски јазик се претставени седум млади автори од Македонија.

Нивните дела и кариери се во нагорна линија, а во каталогот ќе бидат претставени со нивните најнови или најнаградувани прози, авторски  дела кои досега не биле преведени на германски јазик, ниту претставени пред германската публика.

Во каталогот се застапени добитниците на наградата за  литература на ЕУ, Лидија Димковска, Гоце Смилевски и Ненад Јолдески, добитникот на наградата Роман на годината, Петар Андоновски, финалистите на истата награда, Владимир Јанковски и Бранко Прља и Румена Бужаровска, една од нашите најпочитувани писателки во регионот.

Каталогот ќе им биде разделен на претставници на издавачките куќи присутни на саемот, на авторски агенции, книжевни агенти и други застапници кои посредуваат во објавувањето на авторските дела на меѓународниот пазар на книги.

Публикувањето на каталогот е дел од проектот „Различна Европа: 10 интеркултурни автори во дигитала и надвор“, поддржан од програмата Креативна Европа на Европската Унија. Проектот е фокусиран на престижни европски автори кои освен врвниот книжевен квалитет, ја споделуваат и различноста како своја карактеристика. Тие или се од интеркултурно потекло или ја имаат културната различност како тема на своите дела. Со тоа овој проект придонесува на осознавањето на културната различност на Европа, и придонесува кон намалувањето на ксенофобијата, утврдените предрасуди и перцепции за европските земји. Мото на проектот е познатата мисла на Етјен Балибар „Европа се разликува од другите онолку колку што се разликува внатре во самата себе“.