Актуелно

РОДЕНДЕН НА УМЕТНОСТА: МКЦ вчера прослави 45 години!


Младинскиот културен центар вчера го прослави својот 45-ти роденден. Годинава во рамките на мултимедијалниот културен настан „Роденден на уметноста“ го отвори својот дуќан или по „модерно“ – „urban store“ – АПоТЕКА во МКЦ.

Мултимедијалниот културен настан и новиот објект АПоТЕКА свечено го отворија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и директорот на МКЦ, Златко Стевковски.


На програмата на овој мултимедијалниот културен настан „Роденден на уметноста“ имаше изложба, музика, поезија, филм, отворање на Ап(о)тека, торта и дружење.

Во АПоТЕКА на околу 50 квадратни метри, веднаш до инфо пултот на влезот во МКЦ ќе можете да се снабдите со сè што ни под разно нема да го пронајдете во „светилиштата“, популарните „молови“: плоча, диск, книга, ракотворба, велосипед, облека… Или: сите намирници од уметноста и културата (на живеење) неопходни за „преживување“, без рецепти.

Својa нова адреса ќе најде и легендарната скопска продавница за плочи Maximum Rock’n’Roll.

Во Галеријата МКЦ се отвори изложбата „НОМАД“, ретроспективна изложба на цртежи, колажи и слики на Душан Герзиќ – Гера (Белград, 1961-1998).

Во чест на David Bowie, кој не напушти пред една година, во музичкиот дел групата „Фолтин“ одржа концерт во Денсинг сала „25 мај“.

Во кино Фросина се одржа поетскиот перформанс „Песнило“ на кој се претствија десетина поети, односно своето беснило да го искажаа во поетска форма.

Во бифето во МКЦ група од Србија, која веќе 15-тина години е зад грамофоните, секаде каде што се почитува „органскиот црн звук“, настапи под името „Тhe Funk Soul Brothers“.
Во Кино Милениум се одржа 24 часовен бесплатен филмски маратон со селекција на филмови од „Cinedays“ 2016.


Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!

Copyright © 2017 Лав Медиа Груп

To Top