Музика

Ретроспектива на манифестацијата Пиволенд – најава за Пиволенд 2017


Фестивалот кој стана препознатлив скопски бренд, својата приказна ја започна во 2008 година. Поминаа точно 10 години од првиот Пиволенд кој се одржа на Скопското Кале, а 60 000 посетители четири дена уживаа во дегустација на пиво и одличниот музички избор. Дел од македонските музички ѕвезди, токму на овој фестивал за првпат имаа можност да настапат пред огромна публика и да ја започнат својата успешна кариера.

Во 2009 година, фестивалот доживеа рекордна посетеност од 150 000 љубители на пивото и добрата забава. Беше прогласен за најмасовно посетен фестивал во Македонија, а посетителите се забавуваа со Дубиоза Колектив, Есма, Stereo Mc’s, Психомодо Поп и многу други.

2010 година беше уште една успешна година за Пиволенд, а посетителите веќе двојно се зголемија. 300 000 посетители во пет фестивалски денови се забавуваа со Забрањено пушење, Рамбо Амадеус, Кошин, КУД Идијоти… Оваа година ќе се памети по енергичниот настап на Гоце Арнаудов кој направи нешто што никој досега не го направил- На едно место ги собра металците, раперите, трансерите, рокерите и сите во еден глас со него ги пееа неговите најголеми хитови.

Во 2011 и 2012 година, поради масовната посетеност, фестивалот се префрли на паркингот кај салата „Борис Трајковски“. Покрај доброто пиво, одлична забава на посетителите им приредија Кирил Џајковски, Дарквуд Даб, Драм Н Зез, Филм, Хладно Пиво, Ритам Нереда, Фолтин, Нокаут и уште еден куп домашни и странски изведувачи.

Иако и оваа локација се покажа како одлична, сепак Скопското Кале нуди една поинаква и уникатна атмосфера, па така во 2013 година, Пиволенд повторно се врати во своето „родно“ место. Оваа година ќе остане запаметена по дождот кој не прекина да паѓа пет фестивалски денови, па поради тоа, посетителите добија и бонус ден.

2014 година најмногу ќе се памети по македонската музика. 100 % македонски бренд беше мотото на Пиволенд 2014, а покрај главната бина, беа поставени уште две за промоција на млади бендови и надежни диџеи.

Во 2015 година, атмосферата ја вжештија Блендед Бру, Ласт Експедишн, Дј Славе, Фолтин, Мугер Фугер и Суперхикс, а последниот фестивалски ден беше вистинско уживање за сите фанови на метал и панк музиката.

Деветтиот Пиволенд во 2016 година го одбележеа настапите на Рибља Чорба, Нокаут, Дани, Тијана, Тамара, Ефто Пупиновски, Тотално опуштање, Трибјут ту Колдплеј и уште голем број на изведувачи кои оставија посебен белег на фестивалот.

Јубилејниот 10-ти Пиволенд започнува на 7-ми август и ќе трае се до 12-ти август. Поради јубилејниот роденден фестивалот ќе трае шест дена, од понеделник до сабота. Покрај музиката, овој Пиволенд ќе биде посветен и на најважната споредна работа на светот. Пиво, музика и фудбал- одлична комбинација за незаборавно доживување по десетти пат на Скопското Кале.

Дојди, види, испиј! Пиволенд 2017

Коментари

loading...
Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!


Учество во игри на среќа е дозволено за лица со 18+ години. Играј одговорно!

To Top