Разбојништво во Зубовци: Ги врзале со кабли и ги ограбиле


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Вооружени разбојници вчера врзале со кабел двајца кумановци, ги ограбиле, а потоа побегнале со автомобилот на еден од нападнатите. Разбојништвото во полициската станица во Куманово го пријавил З.С. (51).

Кумановецот, околу 12 часот бил во неговата викендичка на местото викано Зубовска Река, во атарот на селото Зубовци. Додека тој и неговиот сосед стоеле пред влезната врата на викендичката, се појавиле двајцата разбојници. Едниот од нив им вперил пиштол и им наредил да влезат внатре, во просториите на викендичката. Напаѓачите им ја пребарале облеката, и од З.С. одзеле околу 8 000 денари и мобилен телефон, а од Л.Д. одзеле околу 2 000 денари и мобилен телефон.

Откако ги ограбиле, едниот разбојник држел пиштол вперен кон нив, а другиот со кабел им ги врзал рацете и нозете. За кратко време разбојниците излегле од викендичката и со автомобилот марка “рено сеник”, кој бил на сопственикот на викендичката, побегнале во непознат правец.

Двајцата нападнати соседи, откако забележале дека разбојниците не се веќе во куќата, се обиделе да се одврзат од кабелот. Кратко по заминувањето на напаѓачите, успеале да се ослободат и со трчање заминале во куќата на најблискиот сосед од каде што по телефон случајот го пријавиле во полиција. Од извршениот увид во викендичката, и по разговорот со нападнатиот сопственик, било утврдено дека недостигаат телевизор, сателитски ресивер, ДВД , засилувач, музички миксети и други предмети. Полицијата трага по разбојниците.