Нобел

Прво место за студентите од ФЕИТ на балканскиот натпревар за LabVIEW


Студентската екипа на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје оствари најдобар екипен резултат на балканскиот натпревар по LabVIEW, кој се одржа во Загреб, Хрватска. Македонскиот тим го сочинуваа студентите Мино Тодоров, Стефан Аговски и Андреј Станковски, под менторство на професорите Живко Коколански и Бодан Велковски.

„Еден ваков натпревар Ве принудува да искористите сé што сте научиле и виделе до тој момент. Сепак, кога ќе почне натпреварот, откривате нешто ново. Нови начини на кои може да го решите проблемот под притисок на времето кое истекува. Резултатите говорат за нашата посветеност како екипа. Јас освоив второ место, а како екипа сме најуспешни на натпреварот. Тоа е одлично доколку се земе в предвид дека имаше натпреварувачи од 8 универзитети од Балканот. Многу сум задоволен што и покрај многуте обврски успеавме да најдеме време и успешно да се кооридинираме некако,  заедно да споделиме она што знаеме и успешно да се подготвиме за натпреварот“, вели Мино Тодоров, во име на добитниците.

На натпреварот учествуваа 21 студенти од универзитети од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и од Македонија. Македонската екипа, во јуни годинава, се сертифицираа со Certified LabVIEW Associated Developer – CLAD диплома. Овој успех на македонската екипа е повторување на минатогодишниот успех на истиот натпревар кој тогаш се одржа во Белград.

„Секоја година учествуваме на меѓународниот натпревар по LabVIEW со тим студенти од ФЕИТ. Ова не е наш прв успех, напротив, она што ме прави посебно задоволен се континуираните резултати кои ги постигнуваме. Минатата година, исто така, бевме најдобри во екипна конкуренција и имавме и второ место во поединечна конкуренција. Покрај квалитетот на нашите студенти, тоа секако се должи и на посветеноста на LabVIEW академијата на ФЕИТ, која само во последните три години успеа да сертифицира 20 студенти со интернационално призната CLAD диплома. Секоја година сме се по мотивирани. Ние професорите од ФЕИТ имаме привилегија да работиме со одлични студенти кои докажуваат дека можат да се носат со најдобрите“, изјави професор д-р Живко Коколански.

Факултетот за електротехника и информациски технологии, наредната година, ќе биде домаќин на натпреварот по LABVIEW, по предлог на претставникот на National Instruments за Источна Европа, Андреј Дрозг и едногласното прифаќање од страна на сите ментори  од другите држави.

„ФЕИТ како високо-образовна институција, која соработува со факултетите во Македонија, остварува сериозна соработка со многу факултети од светот. Чест ни е што наредната година ќе бидеме домаќини на овој значаен настан, кој ја става Македонија на картата успешни држави и во оваа сфера“, вели деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски.

Коментари

loading...
Click to comment

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

Најсвеж македонски забавен портал... и нешто повеќе!


Учество во игри на среќа е дозволено за лица со 18+ години. Играј одговорно!

To Top