Просечната плата за февруари е 22.347, 70 насто од вработените земаат под овој просек


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Просечната плата пораснала за 2.4 насто за една година. Во февруари 2017 достигнала 22.347 денари. Просекот го креваат малкумина добро платени, две третини од работниците заработуваат под 20.000 денари, а само една третина има приходи над оваа сума.

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС) растот е резултат пред се на зголемите приходи во секторите: транспорт и складирање (11.9 насто) и информации и комуникации (6 насто). Намалување има кај: снабдување со електрична енергија (минус 8.1 насто), трговија (минус 7.3 насто).

Највисоки плати имаат програмерите, правниците и сметководителите, како и вработените во воздухопловството. Најниски се кај рибарите, како и работниците во кожарската и текстилната индустрија.

Според аналитичарите ова е најголемиот проблем, големата разлика во примањата, најмалку платените сектори имаат и над шест пати пониски приходи од најдобро платените. Истражувањето на Македонска платформа против сиромаштија (МППС) покажало дека 70 насто од работниците земаат плата под просечната.

Бројките говорат дека генералната политика на државата е да се штеди на најсиромашните, наместо да им се даде поддршка. Постојните и новите приматели на социјална поддршка се под удар на засилените контроли и ограничувањата, изјави неодамна Билјана Дуковска од МППС.

И анализите на Finance Think покажуваат дека дури две третини од работниците имаат примања пониски од просекот. Апелираат да се направи нова стратегија со која ќе се подобри животниот стандард на граѓаните, но и ќе се продуцираат кадри со вештини од високо платените дејности.

Треба да се размисли за модел на економски раст базиран на високоплатежни сектори како што се компјутерските дејности. Потребна е долгорочна стратегија и реформи, започнувајки од образовни програми. Македонија треба да продуцира кадри со вештини во тие сектори и дејности, а мерките за вработување да се насочат кон тие дејности, велат од Finance Think.

На краток рок намалување на разликите меѓу приходите на работниците најдиректно може да изврши преку зголемување на минималната плата, анализираат економските експерти според кои сепак мора да се внимава да не се предизвика отпуштање работници поради зголемените трошоци на фирмите.

Разни сектори во индустријата како и стопанството во целина, не се еднакво профитабилни и затоа просечната минимална плата различно влијае на секој стопански субјект. Одредени анализи би покажале дека токму поради нееднаквоста во стопанството можеби е поприфатлива варијантата за минимална плата на ниво на одделни сектори, што секако би било потешко да се утврди како таква. Сепак, мое мислење е дека минималната плата е многу ниска и треба да се зголеми, смета универзитетската професорка Марија Зарезанкова Потевска.

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) веќе почна да притиска за раст на минималецот. Нивните барања се корекцијата да биде за најмалку 20 насто. Веќе започнале преговори Организацијата на работодавачи и Министерството за труд и социјална политика.

И во Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) прават анализи за раст на минималната плата, но и за изнаоѓање друг начин на моделирање кој би бил поблизу до европските практики.