Приказната за Борис, Тина и Гаргамел!


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


– Тато, кој е овој чичково? – покажа Тина на своето пижамче.
– Гаргамел бе татичко.
– Тој бил вештер?
– Да бе тато.
– И бил лош?
– Да.
– А, оти?
– Оти сакал да ги јаде штрумфчињата.

Тина беше слатко мало девојче кое по којзнае кој пат го прашуваше татко и Борис за приказната за штрумфовите, скоро секогаш кога ќе ги облечеше сините пижамчиња со малите штрумфчиња, Гаргамел и Азриел, пред спиење. А, тој обожаваше да и одговара на нејзините илјадници прашања често и сам поттикнувајќи ја да прашува.

617Y1Hox83L._SX940_ – А тие му бегале? – се насмевна.
– Да – одговори Борис.
– И не можел да им го најде селото?
– Да.
– Па ќе му дадеме мевце. Или торта со чоколадо и јагоди… и вишнички.
– За да не биде лош? – праша овојпат татко и и се насмевна.
– Да – одговори Тина.
– Важи бе татичко, ќе му дадеме за да не биде лош.

Борис утредента стана порано и ги остави мама и Тина да поспијат. Не го напушташе идејата ’дека може да се направи Гаргамел добар’. Седна пред компјутер, си свари кафе и отвори Фејсбук…. мораше да напише нешто. Ретко пишуваше статуси во кои кажуваше што треба некој да прави, а што не. Но, овојпат Тина го ’натера’ да пише:

Давајте им љубов на вашите деца. И учете ги на убавите морални норми. Не оставајте државата или општеството да го направи тоа наместо вас. Нема да го направи. Одвојте барем третина од времето што го трошите опуштајќи се пред телевизор или компјутер и бидете колку што можете повеќе со вашите деца. Нив сте им најмногу потребни. Учете ги. Вие сте нивните најголеми учители. Нашето општество е во криза со моралните норми, а за тоа се виновни некои други родители, кои мислеле дека одгледуваат деца во здрава средина. Очигледно не било така… Не посветиле доволно внимание или пак ’здравата средина’ била лажна. Ние можеме да го промениме тоа, ако на нашите деца им помогнеме да создаваат и да даваат љубов.

biq32
Кликна објави и почна да скрола надолу на Фејсбук. Му излегуваа вести за моменталната политичка ситуација во државата, видео во кое познат скопски ’фраер’ се фали на Инстаграм како среде бел ден вози со 210км/ч на Илинденска, статии од портали во кои пишува дека лекот за рак е тука и чини петпари ама го кријат злите сили, слики со сподели од Св. Петка да ти даде среќа и наградни игри во кои лажни профили наводно даваат БМВ само треба да си ја одбереш бојата и да кликнеш лајк. Се исклучи од Фејсбук и појде да купи месо.


Пишува: Костадин Стојаноски