Премалку македонска обработлива површина засадена со органска храна


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Само 0,5 отсто од земјоделските површини во земјава се засадени со органско производство. Тоа e малку во споредба со можностите и потребите на домашниот, а уште повеќе на странските пазари за здравата органска храна. Ова беше речено на денешната пресконференција во Стопанската комора на која беше претставена платформа на производителите, преработувачите, науката и потрошувачите.

Според податоците на Комората, во земјава се регистрирани 533 фармери за органско производство. Најмногу за житни и градинарски култури на вкупна површина од околу 3.200 хектари.

Васко Ристовски од Комората вели дека во првите месеци од годинава и кај ова земјоделско производство забележан е негативен тренд на откуп на пласманот, а извозот е скоро незначителен.

Тоа е резултат на ниската свест кај населението за органската храна, но и на нискиот стандард на населението кое поради тоа што органските производи се поскапи за 30 отсто се одлучува да купува конвенционално одгледани производи. И покрај тоа што за овој тип земјоделско производство се даваат 50 отсто повисоки субвенции од конвенционалното производство, сепак нема некои резултати од тоа, вели Ристовски.

За разлика од земјава каде што органското производство е застапено на 0,5 отсто од земјоделските површини во Словенија тие изнесуваат 2,4 отсто.

Данска, на пример, е водечка европска земја во однос на производството на органска храна по глава на жител, а во однос на расположивите обработливи површини, од кои над девет отсто се сертифицирани како органски, оваа држава го зазема првото место во светот. Оваа земја издвојува 50 милиони евра за стимулирање на земјоделците да преминат од конвенционално на органско производство, додека пак во план е до 2020 година 60 отсто од храната што се консумира во градинките и училиштата да биде со органско потекло, додека во армијата да се употребуваат само органски производи. Најголем консумент на органска храна во светот е Германија, рече Ристовски.

За недоволниот развој на органското производство, како што беше речено на денешната прес-конференција, посебно влијание има неразвиената дистрибутивна мрежа, па земјоделците се принудени сами да бараат пазари и да го дистрибуираат производот.

Проблем е и тоа што оваа храна кратко трае, а нема законска обврска за преработка на органското производство во сушен или конзервиран производ, вели Соња Кушевска од кариерниот центар на Факултетот за земјоделство и храна.

Целта, вели таа, е органските производи се почесто да се користат, а на ова производство да му се даде поголема важност формирана е платформа која ќе придонесе за поголема соработка на производителите, преработувачите, науката и потрошувачите.

За некој продукт да се смета за органска храна, тој мора да се добие со следење на овие правила: производителот мора да поседува сертифакат за органско производство, површината на која се одгледува органска храна најмалку две претходни години не смее да биде третирана со недозволени препарати, таа површина мора да има јасно означени граници, растенијата да се заштитени од можна контаминација од препаратите кои се користат во сoседните површини и ГМО е строго забрането и сè мора да биде во склад со природата.