Пред 200 години беше иновиран најпрекрасниот и најкорисен изум за човештвото


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


На вчерашен ден, поточно, пред точно два века, на 12 јуни, 1817 година, германскиот благородник Карл фон Драјс го претстави Draisine, според многу оценки, најголемиот изум во историјата на човештвото.

Што е Draisine? Првиот велосипед, или поточно, првото возило кое на човекот му овозможи да се движи исклучиво со помош на силата од своите мускули. Додуша, Draisine беше велосипед на туркање, фундаментален претходник на подоцнежните модели со педали, но сеедно, се смета за пионерски изум на кој се базира она што ние денес го знаеме како превозно средство велосипед.

Draisine денес е изложен во холандскиот музеј Paleis het Loo во Апелдорн. Иноваторот Карл фон Драјс не ни претпоставувал какво влијание и популарност ќе доживее неговото ремек-дело, баш како ни неговите подоцнежни иновации (како машината за куцање).

Кон средината на 19 век, Французинот Ернест Мишо, заедно со својот ученик Пјер Лалемен, го развија и патентираа велосипедот со педали на предното големо тркало.

Првите велосипеди биле тешки и опасни за управување, бидејќи паѓањата од нив биле честа ситуација. Проблемите со управувањето донекаде се намалени со вметнување на управувачот и поместување на седиштето, но вистинскиот прогрес го донесе синџирниот погон од Џ. К. Старли, Џ. Х. Лосон и Шерголд.

Автомобилите и другите моторни превозни средства како подоцнежни иновации не ја нарушија популарноста на велосипедот. Напротив, во денешно време, пропагандите за заштита на човечката енергија и промоција на здравиот начин на живеење го направија велосипедот попопуларен од било кога во изминатите 200 години.